Не е лесно да си пензионер во Германија

80 полицајци во вторникот упаднале во станот на 73-годишен Германец во Герлиц на истокот на Германија, откако истрагата покажала дека тој стои зад украдените 600 метри шини од напуштената пруга кај станицата Kodersdorf.

Пензионерот шините ги продавал како старо железо и така заработил вкупно околу 16.000 евра. Се проценува дека украл околу 90 тони шини, а полицијата првпат ја забележала кражбата кон средината на 2017-та.

Што се однесува до бројот на полицајци кои учествувале во акцијата, од локалната германска полиција соопштуваат дека се работи за претпазливост, бидејќи престапникот имал кривично досие, меѓу другото и за кршење на законот за носење на оружје. Во неговиот стан биле пронајдени околу 10.000 евра во готово, а затекнат бил и неговиот наводен соучесник. При акцијата се запленети и алармен пиштол, како и незаконски модел на воздушна пушка.

Прочитајте и:  Мерц ја повикува Европа да му покаже заби на Трамп

Германските медиуми случајот го поврзуваат со сé поголемата сиромаштија меѓу постарата популација во Германија. Сиромаштијата помеѓу овој демографски слој веќе со години е во пораст, а според извештаите на германската влада, речиси половина од пензионерите во земјата имаат пензија и приходи помали од 800 евра месечно. Од друга страна, цените на станарината и превозот, пред сé, продолжуваат константно да растат.

- Реклама -