И покрај препораките на надлежните институции да се остане дома, кога граѓаните немаат итна потреба да излегуваат надвор, навиките тешко се менуваат. Во текот на денешниот ден кафулињата во населбата Влае во општина Карпош, беа полни.
*Фотографиите се направени пред 18 часот
Од утринското и попладневното кафе како секојдневен ритуал, жителите не се откажаа ниту денеска, иако владините мерки и препораките за заштита од ширењето на коронавирусот се заострија оваа седмица.
Угостителските објекти, казината и обложувалниците да работат до 18 часот
На денешната редовна прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, ги соопшти новите уште порадикални мерки и препораки, и тие ги опфаќаат токму кафулињата, кафеаните, рестораните, обложувалниците… Една од мерките е работното време на овие угостителски објекти да биде до 18 часот, а во дозволеното работно време капацитетите да бидат редуцирани.
„Се предвидува забрана на секакви јавни и приватни собири без разлика на обемот, одложување на сите концерти, театарски претстави, кинопроекции, спортски настани. Рестораните и кафулињата ќе работат со скратено работно време до 18 часот и со преполовен капацитет, односно ќе мора да се задржи растојание од 1,5 до 2 метри меѓу луѓето. Истото важи и за обложувалниците и казината“,
изјави Филипче.
Според него, мерките треба да бидат порадикални, а повикувајќи се на неговите италијански колеги лекари, рече дека бројот на заразени во одредени делови на земјата престанал да расте токму откако се воведени вакви мерки.
Филипче додаде дека се забрануваат секакви јавни собири и на отворено и во затворени простори, без разлика на предвидената бројка на луѓе што треба да присуствуваат.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски апелираше до граѓаните да не ги преплавуваат маркетите за да купуваат продукти и наместо тоа да се придржуваат до препораките.
Општина Карпош со свои дополнителни мерки
Со свои дополнителни мерки излезе и општина Карпош. Градоначалникот Стефан Богоев, на 37. седница на Советот на општината информираше за сите мерки кои досега се преземени и тековно самостојно ги презема локалната самоуправа според планот на превенција од ширењето на коронавирусот.
Од денеска, во општина Карпош стапи на сила временото укинување на приемни денови во повеќе сектори, а ќе се спроведува и теренска кампања низ целата општина за да се истакнат сите броеви и електронски адреси за да може граѓаните да ги решаваат своите проблеми, но со минимализиран физички контакт.
„Паралелно со оваа кампања ќе се спроведе информативна теренска кампања за сите препораки, насоки и задолженија кои ги изнесе министерот за здравство, а се однесуваат на целата популација, односно сé она што се однесува на секој граѓанин, поточно како секој граѓанин да се заштити себе и да ги заштити оние околу него од опасноста од зараза и пренесување на корона вирусот“,
соопштиjа од општина Карпош.
#СедиСиДома и споделувај креативни идеи
На социјалните мрежи започна и кампања под хаштагот #СедиСиДома, на која граѓаните споделуваат креативни идеи како да се помине времето поминато во самоизолација. Целта е луѓето да не се чувствуваат непродуктивно, туку напротив, во овој период да направат нешто корисно.
„Ајде на овој хаштаг #СедиСиДома #QëndroNëShtëpi да пишуваме идеи што да прават тие што се во домашна изолација, а да не им е досадно. Или тие што се дома, ученици, студенти, хрoнично болни да споделуваат како си го поминуваат денот. Дали гледаат филм, читаат книга, се запишале на онлајн курс. Татко ми кој е хронично болен направи кул перници за столиците во двор“,
Продолжете на 360 степени