Навални однесен во затвор на непозната локација

Најжестокиот противник на официјален Кремљ, еден од најпознатите руски опозиционери, Алексеј Навални, е однесен во затвор на непозната локација, објавија денеска неговите приврзаници, додавајќи дека тоа може да значи дека е префрлен во затвор со уште потешки услови.

Портпаролката на Навални, Кира Јармик, изјави дека судот го информирал адвокатот дека Навални ја напуштил областа каде што дотогаш бил затворен.

„Не знаеме точно каде е“, напиша Кира Јармик на социјалната мрежа „Х“ и додаде дека трансферот е направен на 11 декември.

Семејството на Навални не е во контакт со него од 6 декември.

Рускиот дневен весник „Комерсант“ напиша дека  судот што расправал по жалбата на Навални против управата на затворот во Владимирскиот регион денеска соопштил дека Навални го напуштил затворот „во согласност со пресудата на Московскиот општински суд од 4 август 2023 година, која е влезена во сила“.

Со пресуда Навални е осуден на 19 години затвор за „екстремизам“, а таа казна мора да ја одлежи во затворска колонија со „специјален режим“, односно во категоријата институции со најстроги затворски услови и кои вообичаено се наменети за доживотни или најопасни затвореници.

Прочитајте и:  Трамп му се јавил на Путин, разговарале за брзо решавање на војната во Украина

„Доаѓањето на Навални (во новата затворска колонија) ќе биде објавено во рамките на сегашната легислатива“, се наведува во документот што беше прочитан во судот, пренесе „Комерсант“.

Трансферот од една во друга казнена колонија во Русија често трае неколку недели поради етапното патување со воз, додека затвореникот во овој период не може да оствари контакт со роднините.

Навални (47), кој беше уапсен во јануари 2021 година, казната ја одлежуваше во Владимирската област, на околу 250 километри од Москва. Тој често беше сместуван во самица, поради наводно прекршување на затворските правила.

На почетокот на декември, руските власти поднесоа нови обвиненија против него за вандализам, па тој може да се соочи со уште три години затвор.

- Реклама -