Мравките се дефинитивно достојни за (страво)почит. Благодарение на нивната бројност, социјалната организација и способноста да ја модифицираат околината, да складираат ресурси и да се бранат, тие завземаат 15-25 проценти од вкупната животинска биомаса на Земјата.
Не само што целата колонија функционира како еден суперорганизам, не само што можат да носат товар далеку потежок од нивните тела, не само што креираат неверојатни структури, туку имаат и едно многу откачено својство – да се однесуваат и како течност и како цврста материја. Ова е феномен што не е забележан кај друга група живи единки.
New York Times сними кратко научно видео, посветено токму на оваа неверојатна дуалност – да се претворат во густ флуид – налик сируп, но и да се претворат во гумена топка што ја враќа формата при допир.
Очекувано, научниците веќе долго време се импресионирани и ги проучуваат мравките, а резултатите од сите овие истражувања можат да имаат и сосема практични импликации. Мравките се значајни за самосоставувачките роботи (мали единици кои самостојно се организираат во една), кои би се користеле за само-поправливи материјали. За ваквите материјали, особено е заинтересирана индустријата за изградба на мостови што автоматски се поправаат.
Мравките се експерти за вакви поправки – кога се реорганизираат во мост за другите мравки, тие брзо се прераспоредуваат за да го пополнат секое оштетување во структурата.