Постои „значителен ризик“ Русите да ја нападнат клучната инфраструктура во Европа или Северна Америка, вклучувајќи гасоводи и интернет кабли, изјави Дејвид Катлер – помошникот генерален секретар на НАТО, задолжен за безбедност, пренесува „Политико“.
Катлер вели дека Русија „активно ја мапира“ инфраструктурата на украинските сојузници, и на море и на копно, а воените и цивилните разузнавачки служби на Москва, посочува, имаат „значителни ресурси“ кои рускиот претседател Владимир Путин би можел да ги искористи за надгледување на инфраструктурата, вклучително и со употреба на цивилни и таканаречени шпионски бродови.
Под закана се, предупредува Катлер, подводните гасоводи кои носат гас во Европа, а тоа јасно го покажала, вели, саботажата на гасоводите „Северен тек“ во Балтикот минатата година.
Во опасност се и подводните интернет кабли кои пренесуваат дури 95% од интернет сообраќајот, истакна помошникот генерален секретар на НАТО.
„Гледаме значителен ризик Русија потенцијално да ја нападне клучната инфраструктура во Европа и Северна Америка како дел од нејзината војна против Украина. Русите се поактивни во тие области отколку што беа во последните години. Нивните патроли во Атлантикот се на повисоки нивоа од последните години. Руските бродови исто така преземаат повеќе ризици во Балтичкото и Северното Море“, рекол Катлер.
„Политико“ потсетува дека по експлозиите на „Северен тек“, НАТО формираше нова „ќелија“ во своето седиште во Брисел за „да ги координира напорите за заштита на подводната инфраструктура“, со оглед дека, иако ниту една од истрагите досега не посочи одговорен за саботажата, западните власти веднаш сомнежите ги вперија кон Русија.
Според шефот на оваа ќелија на НАТО – генерал-полковник Ханс-Вернер Вирман, инцидентот со „Северен тек“ ја покажува „јасната и присутна опасност во која се наоѓа европската и американска клучна подводна инфраструктура“.
Вирман потенцираше дека Западот сѐ повеќе се потпира на таквата инфраструктура – протокот на податоци преку подводните кабли е во пораст, а во пораст е и транзицијата кон зелена енергија, првенствено со ветерните турбини на море, поради што сѐ повеќе електрична енергија до копното се пренесува преку подводната инфраструктура.
Вирман истакна дека НАТО-членките ги засилиле поморските контроли, а војските повеќе соработуваат со приватните инфраструктурни оператори за да ја зајакнат безбедноста.
„Ги зголемивме нашите активности за надзор, како и бројот на бродови кои патролираат по Северното и Балтичкото Море. Сепак, мораме да направиме уште повеќе“, оценил тој.
Според него, со нападите врз инфраструктурата, целта на Москва би била да го наруши животот и спокојот на Западот и да им демонстрира моќ на земјите кои ја поддржуваат Украина.
„Кога ќе ги погледнете доказите за нивните тековни активности и местата што ги истражуваат, и ќе ги поврзете за клучната подводна инфраструктура, јасно ви е дека тие во најмала рака испраќаат сигнали дека имаат намера и способност да преземат акција во таа област доколку одлучат“, рекол Катлер.
Тој уште еднаш ја нагласил важноста на интернет каблите, квалификувајќи ги како клучен ранлив дел од инфраструктурата.
„Малкумина сфаќаат колку сме зависни од многу ограничен број кабли со оптички влакна, кои го формираат столбот на Интернетот и ги поврзуваат нашите континенти“, истакнал Катлер, додавајќи дека во светот има само околу 400 подводни интернет кабли, од кои половина може да се сметаат за клучни.
„Севкупно, тие пренесуваат финансиски трансакции во вредност од околу 10 трилиони долари секој ден. Овие кабли се столбот на економијата“, подвлекол Катлер.