На денешниот последен состанок на министрите за одбрана пред Самитот на НАТО во Хаг, генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, објави дека постигнат е договор за нов сет амбициозни цели во однос на способностите.
„Овие цели точно ги упатуваат сојузниците каде треба да вложат средства во следните години, вклучително во противвоздушната одбрана, борбените авиони, тенковите, дроновите, логистиката и многу повеќе. Сето ова е клучно за одржување на нашата сила во одвраќањето и заштитата на нашите милијарда жители“, нагласи Руте.
Тој истакна дека договорот е важен почеток за НАТО и дека сојузниците ќе мора да направат значајни инвестиции во својата одбрана.
„Токму тоа е задачата што нè очекува на Самитот во Хаг – да се усогласи нов план за инвестиции во одбраната, кој ќе ни обезбеди потребните ресурси за одвраќање и одбрана во овој сложен свет“, изјави тој.
Руте најави дека ќе предложи инвестициски план што предвидува годишно издвојување од пет проценти од БДП за одбраната, од кои 3,5 проценти ќе бидат за основни трошоци, а дополнителни 1,5 проценти за инвестиции поврзани со безбедноста, како што се инфраструктурата и индустријата.
На средбата се разговараше и за „трајната поддршка“ на НАТО за Украина, при што сојузниците веќе ветија над 20 милијарди евра додатна безбедносна помош за оваа година.
„Ги поздравувам напорите за помош што сојузниците ги ветија на вчерашниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина“, додаде Руте.
Генералниот секретар информираше дека министрите имале и средба со украинскиот колега Рустем Умеров, кој ги запозна со предизвиците на бојното поле и постојаните напади врз цивилни цели.
„Сите сакаме завршување на војната со праведен и траен мир, и целосно ги поддржуваме итните напори на претседателот Трамп за осуѓање на насилството“, рече Руте.
Тој нагласи дека во текот на министерскиот состанок се одржал и состанок на Групата за нуклеарно планирање, потенцирајќи дека нуклеарното одвраќање останува основа на безбедноста на Алијансата.
„НАТО ќе остане нуклеарна алијанса додека постои нуклеарно оружје. Нашата цел е да го задржиме нуклеарниот капацитет на НАТО силен и ефикасен за да се одржи мирот и спречи агресијата. Овие одлуки што ги донесовме на министерскиот состанок ќе осигураат дека нашето одвраќање ќе биде силно и во иднина“, додаде Руте, уверувајќи дека очекува продуктивен Самит во Хаг кон крајот на овој месец.
На состанокот, министрите ја одобрија и номинацијата на американскиот генерал-потполковник Алексус Гринкевич за Врховен командант на сојузничките сили во Европа, кој ќе го наследи генералот Крис Каволи.