НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

Нема индиции за каков било намерен напад на територијата на земја членка на НАТО, соопшти денеска портпаролот на Алијансата, откако во Романија во близина на границата со Украина беа пронајдени остатоци од руски дрон.

Портпаролот изјави дека инцидентите предизвикани од руските беспилотни летала кои влегле во воздушниот простор на Романија се „неодговорни и потенцијално опасни“ и дека во последните денови НАТО ги зголемил мерките за следење, вклучувајќи воздушни патроли.

Претходно денеска романското Министерство за одбрана соопшти дека во близина на градот Плауру кај границата со Украина се пронајдени остатоци од руски дрон, по рускиот напад во средата вечерта врз цивилната и пристанишната инфраструктура во Украина.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Тоа е последниот случај на пад на дронови од војната во соседна Украина на почвата на таа членка на НАТО.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Романија во неколку наврати пронашла остатоци од дрон на своја територија.

„Последните остатоци од руско беспилотно летало се пронајдени по руските напади врз украинската пристанишна инфраструктура во близина на границата со Романија“, соопшти романското Министерство.

Во соопштението се наведува дека остатоците биле откриени од тим експерти во ненаселена област во близина на селото Плауру во округот Тулче, кое го дели реката Дунав од украинското пристаниште Измаил.

 

- Реклама -