Руските вооружени сили имаат модрици, но во никој случај не се поразени во војната во Украина, изјави денеска претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер и најави најголема промена од Студената војна во воените планови на Алијансата, во случај Москва да се осмели да го прошири конфликтот.
Тој додаде дека „никогаш не треба да ги потценуваме Русите и нивната способност да се закрепнат“.
Бауер истакна дека новото планирање на НАТО се заснова на силата на руската војска пред рускиот претседател Владимир Путин да започне војна против Украина во февруари минатата година. Според него војната ја исцрпила руската пешадија, но не и нејзината морнарица или воздухопловство.
– Она што го гледаме генерално е дека Русите се претпазливи во однос на НАТО. Тие не се за барање конфликт со НАТО, наведе Бауер, додавајќи оти Алијансата „ќе продолжи да ги набљудува како сериозна закана“.
Се очекува лидерите на земјите-членки на НАТО да ја поддржат голема ревизија на системот за планирање на Алијансата на Самитот во Вилнус, што ќе се одржи на 11-12 јули.
НАТО како организација не испорачува оружје и муниција на Украина. Алијансата се обидува да избегне да биде вовлечена во поширока војна со нуклеарно вооружената Русија, а во исто време значително да ја зајакне безбедноста на своите членки кои се во близина на Русија, Украина и Белорусија.
Околу 40.000 војници се во подготвеност од Естонија на север до Романија на Црното Море. На тоа подрачје секојдневно полетуваат околу 100 авиони на Алијансата, а во Балтичкото и Средоземното Море оперираат вкупно 27 воени бродови.
Целта на новите планови на НАТО е да има до 300.000 војници подготвени да се дислоцираат во источното крило на Алијансата во рок од 30 дена. Плановите ја делат територијата на НАТО на три зони, крајниот север и Атлантикот, зона северно од Алпите и третата во јужна Европа.
МИА