Mercedes-Benz распиша конкурс, насловен In-Car Gaming Challenge, преку кој ќе се бараат решенија за играње видеоигри и програми за учење во нивните идни автономни автомобили. Идејата е, на пример, во иднина да можеме да играме тркачки симулации додека чекаме на паркинг или додека автомобилот нè вози кон посочената дестинација.
Некои од возачите, посебно оние што растеле со автомобилски видеоигри, веројатно додека возат на моменти си фантазираат како се на некоја легендарна патека од Gran Turismo или Need For Speed. По сè изгледа така размислуваат и во Mercedes-Benz, па на нивниот конкурс можат да се пријават сите – од гејмери, гејмерски тимови, па до компании за развој на апликации и игри. Идејата на компанијата е предложеното решение да ги користи практично сите расположиви елементи во возилото: педалите и воланот за управување во видеоиграта, седиштата и појасот за симулација на силите кои го афектираат возачот, светлата и ветробранското стакло за симулација на осветлувањето во играта, па дури и климата – за симулирање на ефектот на ветрот. А којзнае, можеби за фановите на снежните стази во иднина ќе воведат и вештачки снег.
Конкурсот е отворен до 16. мај, а потоа компанијата ќе одбере пет иноваторски тима од пријавените и петте стартапи со најдобри идеи. Нивните идеи тие ќе ги презентираат во Штутгарт, а најдобрите три ќе добијат по 10.000 евра и билети за е-спорт турнирите на ESL. Најдоброто решение ќе добие прилика да го развива концептот во Daimler.
Mercedes-Benz воедно е една од првите автомобилски компании кои влегоа во е-спортовите. Поради партнерството со ESL, најдобрите „Dota 2“ играчи на ESL One турнирите дома си одат со новата E-класа. Во моделот CLA класа Mercedes-Benz веќе тестира тркачка игра во која управувате со воланот на самиот автомобил.
Некои сметаат дека ваквиот потег претставува начин за луѓето да се „подмачкаат“ за полесно да го прифатат концептот на целосно автономните автомобили. Со оглед дека многумина го сакаат возењето и не би сакале да се откажат од него, симулацијата на возење би претставувала некаков компромис преку кој имплементацијата на целосната автономија би се одвивала поглатко, т.е. со помал отпор.