Капетан Крсте Станкоски и капетан Стефан Димитровски веќе четврт месец се дел од мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, Авганистан, со сили за обезбедување и штабен персонал. На 1800м надморската височина и 3.5-часовната временска разлика, поради своите војнички способности, велат, се привикнале брзо. Како припадници на Армијата секојдневно непречено ги извршуваат своите обврски, но не заборавиле, велат, и на граѓанскта должност кон татковината, па се пријавиле редовно на пописот.
„Јас како граѓанин го искористив моето право и согласно Законот за попис на населението без проблеми се попишав преку онлајн апликацијата, го искористив моето право“, вели Станкоски.
„Го искористив моето граѓанско право согласно законот и немав никакви проблеми при попишување“, се надоврзува и Димитровски.
Капетан Станкоски е највисокиот претставник на нашата Армија која што има распоредено сили од еден Вод во рамките на главната команда во Кабул. Тој вели дека одлично се прифатени од сите други армии.
„Како дел од командата за обука, советување и асистенција на главниот град чија команда се наоѓа на аеродромот ‘Хамид Карзаи’ во Кабул каде што ги извршуваме задачите поддршка и асистенција на авганистанските безбедносни сили, од пред неколку дена ни се приклучија и припадниците на медицинскиот персонал кои што беа на подготовка и обуки во Норвешка и тука ќе извршуваат секојдневни задачи во болницата ‘Рол 2’ “, вели тој.
Капетан Димитровски извршува задачи како дежурен офицер во штабот за обука, советување и асистенција. Активностите се одвиваат во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, изостануваат културно забавните активности, но индивидуалните вежби продолжуваат за одржување на кондицијата.
„Во изминатиот период има позитивни случаи во мал број и ситуацијата е под контрола тука во базата. Нашата здравствена состојба и морал се на високо ниво и во времето поминато во нашата ротација немаме наши заболени припадници. Тоа, секако, се должи на почитување на строгите мерки за заштита од Ковид-19“, вели тој.
Горди на својата мисија и затоа што се претставници на сопствената земја со вака значајна задача, капетаните на Армијата, преку објективот на МРТ со скромен поздрав ни праќаат порака дека каде и да се, се со своите сонародници.
ВИДЕОТО погледнете го ТУКА.