Поради сувата клима и големата влажност, платото на пустината Атакама во Чиле е едно од најдобрите места на светот за набљудувањето на ѕвездите. Како центар на астрономските истражувања, оваа област наскоро ќе стане дом на најголемиот досега изграден телескоп – машина која ќе биде толку чувствителна што ќе може да детектира знаци на живот во атмосферите на вонземските светови.
Но не е само небото над пустината Атакама тоа што ќе донесе револуција во проучувањето на вонземскиот живот. И земјата е тука. Позната како најсувото место на Земјата, но и како место изложено на ултравиолетова радијација, пустината Атакама создава најблиско земско опкружување на тоа на Марс.
Затоа НАСА организираше теренско тестирање на новите инструменти за детекција на живот, кои би требало да се најдат на следната мисија на Марс. Последниот проект – Atacama Rover Astrobiology Drilling Studies (ARADS), ја испрати првата пратка до станицата Јунгај, каде што условите посебно потсетуваат на тие на Марс.
Тимот на ARAD помина месец-дена пркосејќи на сувото, ветроввито опкружување на врелото лето на Јужната хемисфера, за да ги провери сите потенцијални недостатоци во опремата на НАСА за откривање на вонземски животни облици. За време на престојот експериментираа со прототип Марс-бушалка, со примероци од механиките на зглобовите, со Signs of Life детекторот (SOLID) произведен во Шпанија и со макетата на лабораторијата Wet Chemistry (WLC), која го прати лендерот „Феникс“ на површината на Марс во 2008 година.
„Поставување на инструменти за детекција на живот во средина што потсетува на онаа на Марс ќе ни помогне да ги откриеме најдобрите начини за пронаоѓање на минатите и идните форми на живот на Марс, доколку ги има“, вели Брајан Глас, научник и главен истражувач во проектот ARADS.
„Фактот што имаме подземен пристап и површинска мобилност треба во голема мера да го зголеми бројот на биомаркерите што ги имаме, како и бројот на локациите погодни за живот од кои можеме да земеме примероци во Атакама“.
Навистина, за време на ова патување, тимот беше во можност да земе мостри од трите главни локации: Јунгај, Салар Гранде и Марија Елена. Јунгај повеќе од една деценија е центар на астробиолошките истражувања, поради исклучително сурови услови. Во 2013 година, тимот ги тестираше истите детектори за живот кои беа дел од опремата на сондата Викинг во 1975 година и пронајде исто толку живот колку и оригиналните детектори откриени на површината на Марс – нула. Со оглед на тоа што и во најнегостољубивите опкружувања на Антарктикот опстојуваат одредени екстремофилни микроби, јаловиот Јунгај стана популарно уточиште за астробиолозите.
Салар Гранде, од друга страна, е светлечка солена рамнина, додека за Марија Елена е констатирано дека е уште посува и понегостопримлива од Јунгај. Очигледно е дека тимот ARAD има широк избор на необични локации за развивање на опрема за потрага по вонземјани на Марс.
До тогаш, во следните четири години тимовите ќе продолжат да се враќаат во Атакама и да ги тестираат бушалките, апаратите за детекција и теренските возила, со цел да се направи разлика помеѓу биотичките и абиотичките потписи на мострите.
А на крајот, потомците на овие инструменти ќе треба да отпатуваат до пустините на Марс, каде што ќе го повторат процесот. Овие напори можат да доведат до први цврсти докази за живот надвор од Земјата, било да се одвивал во минатото или сегашноста.
Од друга страна, можеби токму астрономите од Атакама ќе бидат тие што ќе налетаат на силен доказ за постоење на биолошките ентитети на далечните планети на Млечниот Пат, преку стаклата на супер-телескопите сместени на платото на Атакама.
Без оглед на тоа што ќе покаже времето, пустината во Чиле е кецот во ракавот кога се во прашање истражувањата на вонземскиот живот.