Алмати, 9 јануари 2022 (МИА) – Во Казахстан е суспендирана работата на менувачниците поради безбедносни причини, соопшти Народната банка на Казахстан.
„Работата на менувачниците ќе биде привремено прекината поради безбедноста на канцелариите, како и поради безбедноста на нивниот персонал и клиенти“, се вели во соопштението на Народната банка објавено на веб-страницата.
Заменик министерот за одбрана на Казахстан, генерал Султан Гамаљединов, претходно денеска изјави дека ситуацијата во таа земја се стабилизира и дека е под контрола на властите. Тој на заедничкиот брифинг со командантот на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) Андреј Сердјуков рече дека антитерористичката операција ќе продолжи до, како што наведе, „целосно уништување на терористите и воспоставување ред во земјата“.
Протестите почнаа во Казахстан на 2 јануари по поскапувањето на горивата, кои подоцна прераснаа во немири и судири со безбедносните сили. Според последните податоци, загинаа 164 лица, а лекарска помош побарале 2.200.