„Нов дебакл на очајното ВМРО-ДПМНЕ предводено од губитникот Христијан Мицкоски. Откако видоа дека граѓаните не им даваат поддршка на нивните лицемерни протести, денеска срамот од слабата поддршка се обидоа да го сокријат со наводен протест, и тоа со нивните луксузни автомобили.
Скапите автомобили кои денеска граѓаните ги видоа се уште една потврда за вистинското, лицемерно лице на ВМРО-ДПМНЕ и поразениот Мицкоски“, реагираат од СДСМ, откако на социјалните мрежи се појавија низа реакции за фактот што на протестот на опозицијата се појавија автомобили кои не одат рака под рака со пораката дека „народот нема ни за леб“, од типот на кабриолет „Мерцедес“ со порака „Доле лопови“ и и „Ауди А6“ со пораката „Живот на вересија“ и „Заев полни џеб, народ нема леб“.
Реакциите на социјалните мрежи во неколку реда, на својот Фејсбук профил, ги сумираше новинарката Мери Јордановска:
„Да за протести против поскапувањето на струјата! Но, со вакви коли на протести да ни кажувате дека народ нема за леб или да ставате таблици ‘живот на вересија’, ги навредувате сите оние кои навистина немаат за леб. Со вакви возила чисто се сомневам дека сте осетиле како е без леб. Ова е дрско, безобразно и потценувачки“, напиша Јордановска.
Од СДСМ, во своето соопштение, и денеска повторуваат дека и самите протести се показател за „нечесниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните“:
„Организира таканаречени протести за цената на електричната енергија, кога токму оваа партија во своето владеење ја зголеми за 100 отсто цената на електричната енергија и ја укина евтината дневна тарифа на струјата за домаќинствата.
Тоа го покажуваат и официјалните податоци за цената на киловат електрична енергија. Таа во 2006, годината кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта изнесувала 2.62 денари по киловат час во скапа и 1,31 денари по киловат час во евтина тарифа. Во 2017 кога ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција, цената на киловат час изнесува 5,54 денари и не постои евтина тарифа“, велат од СДСМ.
Од владејачката партија додаваат дека со нивното доаѓање на власт и одговорно работење, само од враќањето на евтината тарифа, просечно македонско домаќинство плаќа над 300 денари помалку месечно.
„Мицкоски не разбира ниту математика, ниту енергетика и не му се воопшто важни граѓаните, тој мисли само да си ја зачува партиската фотелја. Затоа беше три пати по ред казнуван на фер, слободни и демократски избори и затоа уште долго останува во опозиција“, велат од СДСМ.
И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) – Марко Бислимоски, денеска повторно ги оцени протестите како „партиски театар“, наспроти тие на граѓаните, за кои вели дека се легитимни.
„Разочаран сум што во 2020 година, во време на пандемија, најголемата опозициска партија, наместо да нуди институционални и визионерски решенија, води агресивна политичката агенда со притисок врз регулаторно тело“, изјави тој за „Дојче веле“, откако вчера РКЕ се пожали и до Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена.
„Како претседател на РКЕ уште повеќе сум разочаран што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се претставува како енергетичар, не знае дека одлуката се носи врз основа на доставени пресметки од енергетските компании. Неверојатно е како Мицкоски ги нема прочитано извештаите на Енергетска заедница во кои две години по ред нѐ рангираат за најдобри регулатори од сите регулаторни тела што ги покрива Секретаријатот“, рече Бислимоски за „Дојче веле“.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Игор Јанушев, пак, во вестите на Алфа телевизија, посочи дека народот може лесно да увиди кој го осиромашува, и тоа по сметките за струја. Тој обвини дека за Заев и за тие околу него поскапувањето на струјата не значи ништо, со оглед на тоа колку многу тендери наместиле и колку многу пари украле од државата, „но за сите останати во Република Македонија многу значи поскапувањето на електричната енергија“:
„Заев вели дека економијата блеска, дека на народот му е супер, дека дури не можат да стигнат да ги потрошат парите коишто ги земаат… Но, граѓаните се свесни дека кога ќе влезат во продавница цените се повисоки, а платите се исти, а сѐ повеќе луѓе се отпуштаат од работа, тоа стана реалноста во Македонија.
Јасно се гледа разликата, оној што плаќа 4.000 денари, сега плаќа 5.000 денари и повеќе и јасно се увидува зголемувањето на цената на струјата. Сите оние пораки дека ова е нова влада и нови луѓе, чесни, искрени и професионалци, паѓаат во вода кога ќе се види кои се првите чекори на оваа старо-нова влада и кои се персоналните решенија – тоа се истите оние луѓе кои ја донесоа државата на ова дереџе на кое што сме денеска“, рече Јанушев.