Наполеон и зајаците

nap

Нема збор, Наполеон Бонапарта важел и важи за еден од најголемите воени умови на своето време. Но, постои една нестандардна група непријатели што не успеал да ја порази – група зајаци.

Во неговото слободно време, Наполеон, како и многу други богати луѓе од тоа доба, уживал во лов – поконкретно, сакал да лови зајаци. Според мемоарите на Наполеоновиот генерал – Пол Тиболт, во јули 1807-та, по потпишувањето на договорот со кој била прекината војната со империјална Русија, Наполеон сакал да прослави, па предложил лов на зајаци. Го задолжил Александар Бертиер, неговиот воен генерал да го организира настанот во неговиот парк на излезот од Париз.

Ама на имотот на Бертиер немало зајаци. Морал да се снаоѓа. Затоа, порачал илјада зајаци да бидат донесени и пуштени во неговиот парк, рано утрото кога требало да пристигне Бонапарта. Така и било, а првично, пикникот се одвивал совршено, според планот. Кога дошло време за лов, меѓутоа, зајаците имале поинаква идеја.

Александар Бертиер, мозокот зад „падот“ на освојувачот.
Александар Бертиер, мозокот зад „падот“ на освојувачот.

Наместо да се распрскаат по паркот и да се трансформираат во лесни мети за ентузијастичните пукачи, тие „ненадејно се собрале во помали групи, а потоа и во огромна орда и јурнале кон Наполеон“. Наполеон, изненаден и неподготвен, почнал да се повлекува кон кочијата.

Камшиците и клоците имале краткотраен ефект во одбивање на армијата – зајаците биле премногу на број и не се откажувале од намерата, па откако „франатично го нападнале Наполеон одзади“, „одбиле да се повлечат“, „му се насобрале околу нозете додека не почнал да се тетерави“ – го присилиле освојувачот на освојувачите, прилично изморен, да се повлече во кочијата и да го препушти полето на новите владетели.

„Среќа за Наполеон“, пишува Тиболт, „што зајаците го оставија нечепнат и не продолжија да го освојуваат Париз!“.

А стратегијата на зајаците? Ја немало. Едноставно, Бертиер не бил свесен дека донел погрешен вид: наместо диви – кои се плашат од луѓе, тој порачал домашни зајаци – кои на луѓето гледаат како на свои заштитници и хранители. Така, сé уште ненахранетите животни јурнале кон Бонапарта, кон Бертиер и другите членови од дружината на Наполеон, мислејќи дека луѓево дошле да им донесат зелки и моркови.

Наполеон не бил среќен, особено што и самите членови на дружината отпрвин сметале дека е смешно. Низ историјата важи за човек што немал баш најголема смисла за хумор, па еве – оние другите, со таков адут, морале да му се потсмеваат зад грб, како ние сега.

Napoleon-vs.-Bunnies[1]

- Реклама -