Експерти во Словачка ги критикуваа мерките преземени за заштита на премиерот на земјата Роберт Фицо по вчерашниот обид за атентат врз него, јави ДПА.
„Фицо пред неколку недели зборуваше за опасноста некој да пука во политичар“, изјави денеска поранешниот началник на словачката полиција Стефан Хамран за весникот „Денник Н“. Toj се прашува кој ја анализирал и проценил заканата.
Хамран ја критикуваше и реакцијата на обезбедувањето на Фицо по испуканите истрели. „Таму имаше хаос, тоа е очигледно и тоа е неуспех“, рече Хамран.
Поранешниот шеф на службата за безбедност на Словачка, Јурај Забојник, исто така ги критикуваше телохранителите на премиерот.
„Ако напаѓачот успеал да испука четири или пет истрели, некој мора да биде виновен“, изјави тој за новинскиот канал ТА3. Тој додаде дека не видел некој од телохранителите со своето тело да го штити Фицо од истрелите.
Фицо беше застрелан вчера додека се ракуваше со граѓаните по состанокот на Владата во централниот словачки град Хандлова, јави ДПА.