Нападите врз Киев претставуваат ескалација на конфликтот, вели ЕК, Фон дер Лајен „шокирана и згрозена“

Руските бомбардирања врз Киев и други украински градови ЕУ ги смета за ескалација, изјавија од Европската комисија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека е „шокирана и згрозена“ од руските ракетни напади врз повеќе украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, каде последниве месеци беше релативно мирно.

„Русија уште еднаш му покажа на светот што таа претставува: терор и бруталност“, рече Фон дер Лајен во естонскиот град Нарва, во близина на границата со Русија.

„Сторителите мора да одговараат. Ние жалиме за жртвите и упатувам најдлабоко сочувство до нашите украински пријатели. Знам дека Украинците нема да бидат заплашени и ќе стојат на својот став сѐ додека е потребно“, додаде таа.

И шефот на ЕУ дипломатијата – европскиот комесар за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, на Твитер утрово напиша дека е шокиран по руските напади и најостро ги осуди.

„За ваквите дела нема место во 21 век. Ги осудувам со најостри можни зборови. Ние стоиме со Украина. Дополнителна воена поддршка од ЕУ е на пат”, порача тој.

Неговиот портпарол, Петер Стано, на денешниот редовен брифинг на Европската Комисија, дообјасни дека бомбардирањата над Киев и други клучни украински градови таргетираат цивили, тие се спротивни на меѓународното хуманитарно право и со тоа претставуваат воено злосторство.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

За Европската Унија овие дејствија претставуваат ескалација во конфликтот, особено ако на тоа се додадат изјавите на белорускиот претседател Александр Лукашенко, кој најави заеднички трупи со Русија.

„Да, ова претставува ескалација, таргетирање на цивилни цели значат дополнителна ескалација, после лажните референдуми и илегалната анексија, а дополнителна ескалација се и изјавите на Лукашенко кои придонесуваат кон ескалација не само во Украина туку и во регионот, изјави Стано. Најавите за заеднички руски и белоруски трупи, ако се остварат, нема да останат без одговор од ЕУ, рече портпаролот.

Со оглед на ова ЕУ веќе разговара за нов пакет санкции против Русија, потврди Стано. Европската Комисија не дава детали за тоа што ќе содржат новите санкции, но „сѐ е на маса“, рече тој.

Денешните ракетни напади ги осудија и други претставници на ЕУ, вклучително и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

„Ова што се случува сега во Киев е одвратно. Повторно пред светот се покажува режимот со кој се соочуваме: Оној што гаѓа неселективно. Оној што сее ужас (и) смрт врз децата“, објави таа на Твитер.

Извор: МИА

- Реклама -