Наместо „издржано објаснување“, Хан доби „прочитајте ги вашите извештаи за Македонија“

Вчера еврокомесарот за проширување на ЕУ – Јоханес Хан, преку Твитер побара „издржано објаснување“ од Орбан за азилот на Груевски. Сега засега доби само ретвит од портпаролот на унгарската влада и порака да ги прочита „сопствените“ извештаи на Европската комисија за Македонија.

Во твитот, Золтан Коваш го цитира делот од извештајот на Европската комисија во кој се вели дека се потребни дополнителни напори за да се поништат ефектите врз судството од претходниот период и да се гарантира целосна независност на судството во пракса. „Ризиците од политичко мешање во судството продолжуваат да постојат“, се вели во цитираниот дел.

„’Издржано објаснување’? Самата Европска комисија покажа: почнете да го читате мартовскиот извештај за македонската држава 2018 за ‘ризиците од политичко мешање во судството’; погледнете го и извештајот за состојбата во затворите од октомври 2017 на Советот на Европа“, му порача Коваш на Хан.

- Реклама -