Намалената реколта на пченица во ЕУ ја засилува „русификацијата“ на глобалниот земјоделски пазар

Русија ќе ги искористи намалениот приноси на пченица од годинешната реколта во ЕУ за да се пробие на пазарите кои се традиционални увозници на житни култури од Унијата, што дополнително ќе придонесе за „русификација на глобалниот земјоделски пазар“, оценуваат експертите.

Во прилог на оваа оценка се посочува случајот со Египет, кој минатиот месец најави досега рекорден увоз на пченица 3,8 милиони тони, за што веќе преговара со руските добавувачи.

Според раководител на Одделот за студии и прогнози при Земјоделската комора на Франција (ЦАФ), Тјери Пош, ова е само еден од примерите за тоа како традиционалните извозни пазари за пченица во ЕУ се ориентираат кон други добавувачи, особено од Русија.

– Во време кога многу увозници почнуваат преговори со земјите извознички, следните недели ќе бидат клучни за ЕУ да ја спречи агресивноста на Русија и да ги заштити своите извозни пазари, изјави Пош за „Еурактив“.

Пош потсетува дека по одлуката на Русија од 2014 година да го забрани увозот на храна од ЕУ како одговор на санкциите на ЕУ кон неа поради анексијата на Крим, таа веќе во 2015 година стана водечки светски извозник на пченица. Според него, актуелната војна во Украина само дополнително го засили овој тренд на „русификација на земјоделскиот пазар“.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, земјоделството и храната станаа дел од воената стратегија за Москва, насочена кон зголемување на рускиот удел на пазарите во земјите кои традиционално увезуваат житни култури од европските добавувачи.

Најголеми увозници на житни култури во светот се во регионите на Блискиот Исток и Северна Африка, каде само уделот на Франција, која е најголем извозник на храна во ЕУ, изнесува околу 25 отсто.

Пош посочува дека Египет, кој до пред 10 години најголем дел од храната ја увезуваше од Франција, се повеќе се врти кон други увозници па сега негови главните добавувачи се Русија и САД. Русија го презеде приматот и на главен снабдувач со храна на Алжир, кој до неодамна најголем дел од прехранбените производи ги увезуваше од Франција. Ваквиот тренд се бележи и на другите традиционални пазари на ЕУ, како Тунис и Мароко.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

– Овие земји се вртат кон земји кои можат да им гарантираат обем и цени во согласност со нивниот економски капацитет и нивото на долг, нешто што Русија може да им го понуди. Во такви услови во иднина ќе се интензивира русификацијата на светскиот пазар, смета Пош.

Поради послабата жетва, особено во Франција, прогнозите се дека овогодишниот извоз на пченица од ЕУ ќе се намали од просечните 35 милиони тони на 26 милиони тони.

Од друга страна, сушата во Африка ја зголеми зависноста на африканските држави од увоз од странство. Така, трите земји од регионот на Магреб (Мароко, Алжир и Тунис) оваа година најавија увоз на 19,5 милиони тони пченица од странство, во споредба со 17,1 милиони тони минатата година. Дополнително, поради послабите приноси, Нигерија, Брегот на Слоновата Коска и Гана го прекина извозот на житни култури и најавија дека преговараат за увоз на житарки.

Русија пак годинава ја оствари својата трета најдобра жетва во последните пет години со произведени 82 милиони тони пченица. И покрај добриот принос, Русија одвои 43 милиони тони пченица за извоз, за разлика од ланските 56 милиони тони. Во прилог на Русија оди и намалената вредност на рубљата, што го прави рускиот извоз поатрактивен.

Според експертите, Русија ќе ја искористи ваквата ситуација уште повеќе да ги намали цените на житните култури и да освои нови пазари.

За разлика од Европа, која бележи намалени приноси, жетвата на пченицата во другите делови на светот е многу подобра од очекуваното, што, според претседател на француското здружение Интерсереал, Филип Ојзел, заедно со се поагресивниот пристап на Русија, претставува „двојна несреќа“ за ЕУ.

– На ЕУ и треба поагресивна земјоделска дипломатија. Носителите на одлуки треба да бидат свесни за важноста од задржување и зајакнување на европските трговски текови, бидејќи од тоа зависи и кредибилитетот на ЕУ во однос на Русија, додаде Ојзел.

- Реклама -