Казнетиот тренер на Јувентус, Антонио Конте, ќе се врати на клупата на Јувентус на мечот со Палермо на 9 декември, откако Апелациониот суд во Рим му ја намали суспензијата од десет на четири месеци.
Конте доби првична забрана од десет месеци да го предводи Јувентус од клупата, затоа што како тренер на Сиена бил вмешан во скандалот со лажирање резултати во Италија. Всушност, Конте не бил директен учесник, но знаел за сомнителните делувања, а не известил за тоа.
Во досегашниот тек од сезоната, Антонио Конте работи со екипата на тренинзите, а на клупата на Јувентус како тренер седи Масимо Карера. Што се однесува до Лигата на шампионите, каде УЕФА исто така ја пренесе суспензијата, Антонио Конте ќе има можност да ја води екипата, доколку „Старата дама“ успее да го мине првиот круг, односно мечевите од групната фаза.