На Кинезите им се смачи од возачите што имаат навика да ти се залепат до задниот браник и да ти блиндираат со долги светла за да побрзаш – притоа ослепувајќи те преку ретровизорот, па прибегнаа кон радикални мерки.
На многу од задните стакла, сега можете да налетате на супер-морничави полупроѕирни налепници (decals) со ликови на духови и чудовишта од јапонски и холивудски хорор филмови, кои се видливи само кога ти си серкото одзади што напиња со долги светла. Барем така тврдат сопствениците на хорор-автомобилите, дека духовите не се видливи во ниту една друга ситуација.
Во последно време ваквите принтови се продаваат како алва, а и се релативно евтини – од 3 до 18 долари. Во таа цена спаѓа и бонус „пажња“ од полицијата, која во различни делови од Кина има различни ставови по однос на духовите на задните стакла. Во Пекинг, на пример, полицијата вели дека не е забрането да се имаат транспарентни налепници на задното стакло, но дека во овој случај сопствениците би се сметале за одговорни ако се случи сообраќајна несреќа како резултат на плашењето на другите возачи (што би било сосема разбирливо). Во Шандонг, пак, полицијата не е толку толерантна. Таму возачите со хорор-налепници се казнети и со по 100 јуани (15 долари).