Најзначајните жени-шпиуни во Втората светска војна: Белиот глушец

Информациите често знаат да бидат порешавачки и од конкретните битки, па така, шпиунските операции одиграа исклучиво важна улога во Втората светска војна, бидејќи се покажаа како најефективниот начин за собирање на информации за непријателот, неговите цели, движењето, тајните оружја. Затоа и големите победи во војната никогаш немаше да се случат без мрежата од стотици шпиуни инфилтрирани во непријателските редови, кои ги ризикуваа животите, но извлекоа мноштво корисни информации за Сојузниците.

Во меѓувреме, се покажа дека жените често се подобри во шпиунските задолженија од мажите. Полесно ги прифаќа друштвото, заведуваат со својата убавина, а сепак оставаат впечаток на невиност. А меѓу најзаслужните во историјата, особено од периодот на Втората светска војна, ќе го најдете и името на „Белиот глушец“ (White Mouse) – Ненси Грејс Августа Вејк.

Заштитно лице на Отпорот

nancy-wake_108637o[1]

Родена е на 30 август 1912 година. Во втората половина од Втората светска војна служи како британски специјален агент. Стана водечка фигура на макиз групите (рурални герила банди) на францускиот отпор и е една од жените со најмногу ордени меѓу Сојузниците. Во 1943 година Ненси е најбараната личност на Гестапо, со награда од 5 милиони франци за нејзината глава.

Како што рековме, откако стигнува до Британија, Вејк се приклучува на британската разузнавачка служба Special Operations Executive (SOE). Ноќта на 29/30 април во 1944 година, таа со падобран е испратена во окупираниот француски регион Оверњ (Auvergne), во улога на врска меѓу Лондон и локалните макиз групи предводени од Хенри Тардиват. Од април 1944 година до ослободувањето на Франција, нејзините 7000+ макизи се борат со вкупно 22.000 Германци, убиваат 1.400, а губат само 100.

Пред војната

Родена во Велингтон, Нов Зеланд, Вејк е најмладата од шест деца. Во 1914-та, нејзиното семејство се преселува во Австралија, во Сиднеј, но таткото се враќа во Нов Зеланд и ги остава децата на грбот на нејзината мајка Ела Вејк. На 16 години, Ненси бега од дома и почнува да работи како медицинска сестра. Со 200-те фунти наследени од тетка ѝ, тргнува на патување до Њујорк, па оттаму заминува во Лондон каде што се обучува како новинар. Во 1930-та работи во Париз, подоцна и за весникот Hearst како европски дописник. Така, Ненси ќе го посведочи и подемот на Адолф Хитлер и нацистичкото движење, а и самата ќе посведочи како „лутачки нацистички банди без причина тепаат еврејски мажи и жени на улиците“ на Виена.

Белиот глушец

Во 1939-та, по две години заедништво, Ненси Вејк се мажи за богатиот француски индустријалист Хенри Едмонд Фиока. Во моментот кога Германија ја напаѓа Франција, Вејк и сопругот живеат во Марсеј. По падот на Франција во 1940-та, Вејк станува курир за Францускиот отпор. Заради нејзината способност да не биде фатена, Гестапо ќе ја нарече Белиот глушец. Отпорот бил особено внимателен при нејзините мисии, а нејзиниот живот бил во постојана опасност; Гестапо ќе ѝ го озвучи дури и телефонот, а ќе ја пресретнува и нејзината пошта.

Најбарана личност и со 5 милиони франци награда за нејзината глава, кога ќе се случи предавство на мрежата на отпорот, Белиот глушец „е принуден“ да избега од Марсеј, оставајќи го сопругот зад себе. Ненси Вејк подоцна ќе ја опише својата тактика: „Малку пудра и малку алкохол попат, и ќе поминев низ нивните (германските) пунктови, ќе намигнев и ќе речев ‘Сакате да ме претресете?’. Боже, какво флертувачко мало копиле бев тогаш“.

Во меѓувреме, нејзиниот сопруг Хенри Фиока подоцна е заробен, мачен и убиен од Гестапо.

И Вејк беше уапсена, во Тулуз (се шпекулира кога точно), но беше ослободена 4 дена подоцна. Нејзина пријателка ќе успее да ја ослободи измислувајќи приказни дека Ненси не му била верна на сопругот и дека не биле во контакт. Притоа Германците не знаат дека во раце ја имаат жената што ја нарекуваат „Белиот глушец“. Па така, Вејк ќе се најде на слобода, а во шестиот обид успева да ги премине Пиринеите и да стигне во Шпанија. Сé до завршувањето на војната, таа не знае за смртта на својот сопруг (подоцна ќе се обвинува себе си за истата, особено откако ќе дознае дека е мачен, но дека не им открил ништо за неа на Германците).

Во меѓувреме, успева да се врати во Британија, каде што ќе стане специјален агент. Вера Аткинс, која тогаш работи за Special Operations Executive, ќе ја опише Вејк како „вистинска австралиска секс-бомба. Извонредна виталност, искрив поглед. Сé што направи, направи добро“. Извештаите од тренинзите ја опишуваат како многу добра и ефикасен пукач, со одлични вештини за преживување и борба во поле. Се вели и дека ги засрамувала мажите со својот „весел дух“ и „силен карактер“.

Кога ноќта скока со падобран во Оверњ, капетанот Хенри Тардиват ја наоѓа заплеткана на дрво. Според легендата, ја поздравил со: „Се надевам дека сите дрва во Франција ќе родат вака прекрасно овошје оваа година“. Вејк му вратила: „Немој мене тие француски срања“. Задачата на Ненси Белиот Глушец ѝ била да ја распределува опремата и оружјето што биле доставувани со падобран, и да се грижи за финансиите на групата на Тардиват. Но Вејк ќе стане и главниот инструмент за регрутација на нови членови, со што групата ќе прерасне во заканувачка сила, со околу 7.500 луѓе. Под капата на Ненси ќе се одвиваат и нападите на германските пунктови и локалниот главен штаб на Гестапо во Montluçon.

Како на филм

Но Вејк не била слатката дама на која сé и одело од рака, како што можеби ни наликува од текстов. Напротив, нејзината бескомпромисност била клучот за нејзиното прераснување во така клучна фигура. Сликовит доказ за тоа е кога Ненси дознава дека нејзините луѓе штитат една девојка која е германски шпиун. Тие немаат срце да ја убијат, но тоа ќе се смени кога Вејк ќе се понуди таа лично да ја изведе егзекуцијата.

Подоцна и Хенри Тардиват ќе го пофали нејзиниот борбен дух, вивидно раскажувајќи за моментот кога убила SS војник со голи раце за да го спречи да го огласи алармот при еден напад. Во ТВ интервју од 1990-тите, кога ја прашаа што се случило со војникот што ја забележал, Вејк просто помина со прстот преку своето грло. „Нé учеа на оваа џудо-чоп ствар кога тренирав во SOE, и го имав извежбано. Но ова беше прв пат да го употребам – и бам – го уби и тоа како. Бев навистина изненадена“.

Во една друга прилика, за да ги замени кодовите што нејзиниот безжичен радио оператор бил принуден да ги уништи при еден германски напад, Ненси Белиот глушец возела точак повеќе од 500 километри, низ неколку германски пунктови.

Во еден друг германски напад, Вејк заедно со двајца американски офицери ја преземала командата врз групата чиј лидер бил убиен. Токму таа наредила потиснувачки оган, што на груапата ѝ овозможило да се повлече без дополнителни загуби.

По војната

spijun1[1]

Веднаш по војната, Вејк се закитува со куп медали: George Medal, американскиот  Medal of Freedom, францускиот Médaille de la Résistance, и Croix de Guerre.

Некое време ќе работи како разузнавач на британското Воздухопловно министерство, ќе се омажи за пилот на британски RAF, па и ќе се врати во Австралија каде ќе се кандидира на неколку избори (без успех). Се пензионира во 1957-та.

Во 1985 година, Вејк ќе ја објави нејзината автобиографија. Погодувате, насловена како Белиот глушец („The White Mouse“). Книгата стана бестселер и многу пати е реиздавана.

По 40 години брак и смртта на нејзиниот сопруг во 1997-мата, Ненси Вејк за последен пат ја напушта Австралија и се враќа во Лондон, да живее во хотелот Стафорд близу Пикадили, поранешен клуб на британските и американските армии за време на војната. Првиот „bloody good“ пијалок таму ќе го испие со генералниот менаџер на хотелот – Луис Бурде, кој за време на војната исто така работел за Отпорот во Марсеј. Оттогаш ­секое утро, Ненси Вејк ќе можевте да ја најдете во хотелскиот бар, пиејќи го својот прв џин тоник во денот. Во тој хотел го дочека и својот 90-ти роденден, а најголем дел од трошоците за престој за сето тоа време подмирија самите сопственици на хотелот. Во 2003-та, Вејк доброволно одлучува да се премести во дом за поранешни воени лица, каде и ќе ја дочека својата смрт – вечерта на 7 август 2011, на 98-годишна возраст.

Последната желба ѝ беше пепелта да ѝ ја истурат во Montluçon во централна Франција (каде што нејзините одреди напаѓаа германски пунктови). Така и се случи.

- Реклама -