Највисоката црква во светот ја губи битката со урината

Ulm.Minster.original.14002[1]

Прочуената црква Ulm Minster во германскиот град Улм ја има највисоката камбанарија/црковна кула во светот – висока 161.53 метри. Заради самата големина на објектот, често ја нарекуваат „катедрала“. Притоа, неодамна претрпе скапа реставрација, истакнува Дојче Веле.

Сепак, додека едни се обидуваат на сите можни начини да го зачуваат објектот од „дотраеност“, други како да се обидуваат да го направат спротивното – Ulm Minster е под закана од сериозно оштетување, и тоа заради многу глупа причина: Германците, пред сé мажите, не престануваат да уринираат врз нејзините ѕидови.

Одговорните за ова првото, се категорични дека солите и киселината во урината ги еродираат ѕидовите на „катедралата“, но и дека казните немаат ефект, иако градот порано годинава ги дуплираше од 50 на 100 евра.

„Ја набљудувам веќе половина година, и сé уште е покриена со урина и повраќаници“, вели Мајкл Хилберт – директор на одделот за зачувување на објектот. За Suedwest Presse рече дека не е „Pinkelpolizei“ (полиција за мочање), но дека сака официјална акција против проблемот. „Се работи за зачувување на редот и поредокот“, вели Хилберт.

Покрај зголемувањето на казните, зголемени се и полициските патроли. Но сепак, практично никој до сега не е фатен „на дело“ и како резултат – казнет. Портпаролката на градот се согласува дека ниту една од мерките досега немаат ефект, и смета дека проблемот ќе постои додека „постојат“ луѓето.

А како и во многу градови, просторот околу црквата се користи за бројни настани и фестивали во текот на годината. Хилберт смета дека проблемот можеби лежи во тоа што организаторите на овие настани не обезбедуваат доволно тоалети за присутните, па зортот ги тера луѓето да гравитираат околу величенствените готски ѕидови на црквата. Логично, јавно ги повика идните организатори да ја променат таквата пракса.

Во меѓувреме, ако Ulm Minster настрада, единствената околност што може да го спаси човештвото од фактот дека си ја измочало највисоката црква „до смрт“, е ако претходно заврши изградбата на Sagrada Familia во Барселона, која ќе биде висока 172.5 метри и од 2026-та би требало да ја преземе титулата „највисока црква на светот“.

- Реклама -