Значаен дел од секое патување е чувството кое го добиваме искусувајќи нешто комплетно ново, нешто што никогаш порано не сме го виделе или направиле. Многу дестинации нудат една или две работи што ги нема на друго место, но само неколку места во светот можат да понудат навистина уникатно искуство.
Некои од овие места се природни чуда, места каде што флората и фауната се навистина уникатни или каде што планините создаваат импресивни формации. Други дестинации се уникатни поради нешто создадено од човекот, цели острови направени од песок, подводни музеи или хотели направени од мраз.
Азорските острови
Истражете ја драматичната природна убавина на езерата создадени во кратери на овој архипелаг составен од девет вулкански острови сместени во средината на Атлантскиот Океан. Јазикот кој тука се говори е португалски, но културата и храната се уникатни.
Бутан
Сместена високо во Хималаите се наоѓа најмладата демократија во светот. Нејзиниот 30 годишен крал успешно го разви парламентот и внесе демократски глас во раководењето на државата. Терминот „бруто национална среќа“ беше создаден од поранешниот крал кој ја турна земјата на патот на модернизацијата.
Гриндавик, Исланд
Исланд со причина е наречен „Земја на оган и мраз“. Ова е дефинитивно дестинација која секој мора да ја посети. Ако го посетувате Исланд мора да ја посетите и Сината Лагуна и да уживате во геотермалната вода. Сместете се во топлата вода и уживајте гледајќи го снегот како паѓа.
Подводниот музеј во Канкун, Мексико
Оваа креација на уметникот Џејсон де Кер Тејлор е најголемиот подводен музеј во светот, со 400 статуи. Новоотворениот подоводен парк е сместен во плитка вода кај Канкун, и им овозможува на нуркачите и пливачите да ги видат уметничките дела кои полека но сигурно ќе бидат претворени во вештачки корален гребен.
Мадагаскар
Островот Мадагаскар се наоѓа на околу 360 километри источно од Африка во Индискиот Океан и е толку изолиран што тука имаат еволуирано голем број уникатни животни и растенија. Деведесет проценти од флората е ендемска и природата изгледа како нешто извадено од фантастична приказна.