Градот Шибам во Јемен е познат по неговата карактеристична архитектура. Куќите во Шибам се направени од тули од кал, но околу 500 од куќите се кули со 5 до 11 катови, со по еден до два станови на секој кат. Оваа градежна техника била искористена за градот да се заштити од напади на Бедуините.
Градот е стар околу 1700 години, но повќето од сегашните градби потекнуваат од шестнаесетиот век. Многу од нив биле рушени и преправани во последните два-три века. Шибам често е нарекуван „најстариот град со облакодери во светот“ или „Менхетен на пустината“, и е еден од најстарите и најдобри примери за урбано планирање базирано на вертикална конструкција. Во градот се наоѓаат највисоките згради од кал во свето, некои повисоки и од 30 метри. Со цел да се заштитат зградите од дожд и ерозија, фасадите се нанесени во дебел слој, и е потребно нивно постојано рутинско одржување.