По смртта на 122-годишната Французинка Жане Калман, најстара на светот е 116-годишната Ема Морано.
Италијанката е родена на 29 ноември 1899 година, и е последниот човек за кој се знае дека е роден во 19-от век. До минатиот четврток друштво ѝ правеше и Мушат Џоунс, родена на 6-ти јули 1899 година во Алабама, на југот на САД, ама и таа почина.
На 20 години, Морано сакала да игра и пее, а сега се надева така да ја доживее и 2020-та. Додуша веќе тешко оди, но умот засега ѝ е свеж и бистар, па сосема е можно тоа и да ѝ успее.
Морано дремнува два пати дневно, а во саботата го дочека новинарот на AFP на влезот на малиот стан во Вербани – град во северна Италија, на езерото Маџоре. Веќе неколку минути подоцна, Ема беше спремна за фотографирање, насмеана, седејќи исправено на работ на креветот.
Перницата со своето име ја има извезено минатата година, за својот 116-ти роденден. Ја држи во скутот, двете спремни да позираат.
„Јас сум многу добро, а вие како сте?“, го прашува репортерот на AFP со тивок, но цврст глас. Нејзиниот доктор потврди за италијанските медиуми дека здравјето ѝ е добро, и дека во борбата за титулата (најстар човек) Ема влегува како да се работи за „Шампионат на младоста“.
Морано е најстарата од осум деца. Ги надживеа сите свои браќа и сестри, од кои последниот умре пред пет години, на 102-годишна возраст. Секојдневно ѝ помагаат нејзините две внуки и една негователка од Колумбија.
Според пишувањата на медиумите, кои ги базираат врз сведоштва од нејзиното семејство, Ема многу тешко оди, видот ѝ е лош, не гледа телевизија и нема излезено од станот 25 години.
Секоја недела ја посетува доктор – д-р Карло Бава, истиот доктор кој ѝ ја соопшти веста дека стана „ветеранка на човештвото“. Бава го привлече вниманието на научничките кругови кога соопшти дека 116-годишната Италијанка има малку чудна исхрана.
Спротивно од сите диетски совети, Ема Морено избегнува зеленчук, а обожава месо, дури и сирово. Секојдневно јаде и по едно живо јајце. Сака и компот од јаболки, но и кекси, како и торти со многу јајца и путер во составот.
Ако ја прашате Ема која е тајната на долгиот живот, таа ќе рече дека во нејзиниот случај е тоа што го напуштила сопругот насилник во 1938, набрзо по смртта на нивното единствено дете.
Морано се сеќава и на една друга, вистинска љубов – љубов што била прекината кога нејзиниот сакан заминал да се бори во Првата светска војна. Никогаш не се вратил.