Финска важи за најсреќната земја на светот, но нејзината популација старее побрзо отколку во повеќето други земји, што тамошната влада ја приморува да пронајде „ново население“ кое ќе помогне во исплатата на сé поголемиот број на пензионери.
Уредувањето на пазарот на трудот најверојатно ќе биде главното прашање на парламентарните избори во Финска кои ќе се одржат на 14 април, а според извештајот на државните агенции објавен во понеделникот, во кој се истакнуваат клучните предизвици во следниот период, новата влада до 2023 година ќе мора да пронајде начин да ја подигне стапката на вработеност на 75%, а потоа и на 80 отсто од сите работоспособни Финци, пренесува Bloomberg.
Моменталната стапка на вработеност е 72%, што е соодветно на целта која во 2015 година ја постави сегашниот премиер Јуха Петри Сипила, а која и тогаш се сметаше за тешко достижна. Во тоа време само 68% од работоспособните Финци имаа работа, а земјата закрепнуваше од тригодишната економска криза, втора откако почна рецесијата во 2008 година.
Денес во Финска 140.000 повеќе луѓе имаат работа споредено со времето кога Сипила стапи на должност, но ако најсеверната членка на ЕУ сака да го одржи системот на социјална помош, ќе ѝ бидат неопходни уште 150.000 нови работници.
„Финансирањето на нашиот нордиски модел на благосостојба, кој нас нé прави најсреќната земја на светот со неверојатно висок животен стандард, зависи од повисоките стапки на вработеност“, изјави Аки Кангашарју – главниот економист на Nordea group (најголемата финансиска групација во нордиските земји). Според него, Финска мора да овозможи „секој што може да работи да има работа“.
Глобалниот економски раст исто така помогна во генерирањето на вработување, но тој тренд наскоро ќе исчезне со оглед на забавениот раст на најголемите светски економии. Кангашарју повикува на уште подлабоки реформи во пазарот на трудот, додека Финците размислуваат и на одредени „затегнувања на ременот“.
„Ако не постигнеме поголема вработеност, ќе мораме повеќе да штедиме, т.е. да ги скратуваме трошоците во јавниот сектор, што повторно ќе доведе до помали приходи од даноци и поголеми трошоци за невработените“, оценува Кангашарју.