Најмалку седум торнада ја погодија Флорида пред очекуваниот удар на ураганот Милтон

Видеа и фотографии објавени на социјалните мрежи сведочат за торнадата како растат во големина додека се движат низ јужна Флорида. Ураганите и тропските бури, како што пишуваат медиумите, можат да предизвикаат торнада

Најмалку седум торнада ја погодиле Флорида до средата попладне, додека американската сојузна држава се подготвува за налетот на ураганот Милтон, објави Националната метеоролошка служба во Мајами.  

Едно од торнадата кои ја погодија Флорида / Фото: Принтскрин

Како што пренесува „Гардијан“, метеоролошката служба на Флорида до 15 часот во средата издала 53 предупредувања за торнада низ сојузната држава.  

„Само што добивме извештаи за оштетени структури во Лејкпорт, Флорида, откако најновото торнадо за кое беше издадено предупредување помина низ областа. Ова е најмалку седмо потврдено торнадо во текот на денот. Ова е второ торнадо што го погоди Лејкпорт денеска“,

се наведува во објавата на Националната метеоролошка служба на платформата Икс. 

Видеа и фотографии објавени на социјалните мрежи сведочат за торнадата како растат во големина додека се движат низ јужна Флорида. Ураганите и тропските бури, како што пишуваат медиумите, можат да предизвикаат торнада.  

Според службата, белешка за торнадо се издава кога постои можност тоа да се случи, додека предупредување има кога тоа се случува или само што не се случило.  

Предупредувањата доаѓаат додека Флорида е во исчекување на ударот на ураганот Милтон, кој е оквалифкуван како „бура на векот“ и се очекува да го погоди копното на државата доцна денеска или утре наутро според американско време. 

Се очекува бурата да предизвика морски бранови високи и до неколку метри кои ќе го погодат брегот на Флорида, која сè уште се опоравува од последиците што ги предизвика ураганот Хелен пред неколку недели.  

Американскиот претседател, Џо Бајден во средата се обрати до жителите на крајбрежните делови на Флорида, каде живеат повеќе милиони луѓе, со повик веднаш да се евакуираат.  

„Ако ви е наредено да се евакуирате, треба веднаш да го направите тоа… сега, сега, сега. Веќе требаше да се евакуирате. Ова е прашање на живот и смрт, и не е претерување“,

рече Бајден. 

Инаку, ураганот Милтон се формираше во Мексиканскиот залив од каде се движи кон западниот брег на Флорида.

Началничката на службата за итни случаи во округот Сарасота, Сандра Тапфуманеи, за Си-Ен-Ен изјавила дека прогнозораат огромен прилив на вода што претставува закана по животот на луѓето кои се наоѓаат на јужно од Тампа Беј. 

Милтон се очекува да ја задржи ураганската сила додека го минува полуостровот Флорида создавајќи опасност од приливи од бранови и на атлантскиот, источен брег на државата. 

Претседателот Џо Бајден во вторникот разговарал со началниците на окрузите Клирвотер и Пинелас, соопштија од Белата куќа. Денеска напладне денеска Бајден и потпретседателката Камала Харис беа информирани за бурата, по што претседателот се обрати пред медиумите. 

Претседателот на САД, Џо Бајден на брифингот за ураганот Милтон / Фото: EPA-EFE/RON SACHS / POOL

„Му наредив на овој тим да направат сè што е можно за да ги спасат животите на луѓето и нашите заедници, да им помогнат на нашите заедници пред, за време и по овие екстремни временски настани, и тоа веќе се прави. Разговарав со сите политички лидери во регионот, со некои од нив и повеќе од еднаш. Им реков дека ќе добијат сѐ што ќе побараат“,

изјави американскиот претседател. 

- Реклама -