Најмалку 37 загинати во експлозија во илегална рафинерија во Нигерија

Најмалку 37 лица загинаа во експлозија во илегална нафтена рафинерија во областа Емохуа, во Нигерија.

Британските медиуми пренесуваат дека меѓу жртвите има две бремени жени и жители и членови на локална група за заштита на животната средина. Бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми бидејќи многу тела се изгорени, а десетици се други имаат изгореници.

Полицијата потврди дека во илегалната рафинерија имало инцидент, но не соопштуваат детали.

Експлозиите во локалните рафинерии се вообичаени во Нигерија, земја богата со нафта, а операторите често пати ги избегнуваат регулаторите со тоа што рафинериите ги лоцираат во оддалечените области.

Работниците во таквите објекти ретко ги следат безбедносните процедури, што доведува до чести инциденти. Еден таков беше и пожарот во државата Имо, минатата година, кога загинаа повеќе од 100 лица.

Кражбите на нафта, исто така, се честа појава во земјата, а од јануари 2021 година до февруари 2022 година, Нигерија во нив изгубила сурова нафта во вредност од три милијарди долари.

МИА

- Реклама -