Најкорумпирани земји во светот

Корупцијата не е само крадење јавни пари. Таа има далекoсежни последици: ги забавува економскиот и општествениот развој, ја загрозува правдата, ги одвраќа инвеститорите и, што е особено актуелно, ја саботира борбата против климатските промени. Во земјите со висок степен на корупција јавноста често нема пристап до информации, учеството на граѓаните е ограничено, а законите се применуваат селективно, што дополнително ја поткопува заштитата на животната средина, здравјето и правдата.

Но, како можеме да знаеме каде има највисоко ниво на корумпираност, а каде најниско?

Одговорите ги дава Индексот на перцепција на корупција, најпознатата светска алатка за мерење на корупцијата во јавниот сектор, кој од 1995 година го објавува организацијата „Транспаренси интернешнл“. Индексот не мери реални случаи на корупција, туку перцепцијата на корупцијата, односно колку експертите и бизнис-заедницата веруваат дека јавниот сектор во одредена земја е корумпиран.

– Корупцијата е глобална закана која постојано се менува и прави многу повеќе од поткопување на развојот. Таа е клучна причина за пад на демократијата, нестабилност и кршење на човековите права. Меѓународната заедница и секоја нација мора да ја стават борбата против корупцијата како главен и долгорочен приоритет. Тоа е клучно за спречување на авторитаризмот и обезбедување мирен, слободен и одржлив свет. Опасните трендови откриени во годишниот Индекс на перцепција на корупција ја истакнуваат потребата од итни конкретни акции за справување со глобалната корупција – вели Франсоа Валериан, претседател на „Транспаренси интернешнл“.

Индексот се базира на 13 независни извори на податоци и секоја година рангира 180 земји на скала од 0 (многу корумпирано) до 100 (многу чисто). Актуелните резултати за 2024 година откриваат загрижувачки трендови. Во повеќе од две третини од земјите корупцијата е висока или стагнира, односно не се намалува, додека глобалниот просек со години изнесува само 43 поени.

Повеќе