Најголемите гадови во литературната фикција

tumblr_m3govb8o3i1rtknhto1_1280[1]

Во книгите и филмовите скоро секогаш има барем еден негативец, ама малку се таквите што што се така добро отсликани што ти создаваат инстантна негативна реакција, било била омраза или страв, и отскокнуваат од просечните „лошковци“ во фикцијата. А уште кога ќе поминат неказнети…

Британскиот весник Guardian презентира Топ 5 баш такви, олицетворенија на безмилосноста што не го извлекуваат подебелиот крај кога публиката најмногу навива за тоа.

СПОЈЛЕРИ!

1. Сестра Ратчед од „Лет над кукавичкото гнездо“

Оправдано, затоа што ваквите цело време ги има меѓу нас, прва на листата е сестра Ратчед од „Лет над кукавичкото гнездо“. Студената и пресметлива раководителка на лудничкиот оддел е една од најпознатите манипулативни и садистички гадови во литературата. На крајот на книгата, кога младиот депресивен пациент Били Бибит гордо станува од креветот, кој само што го споделил со жена за прв пат во животот, Ратчед го фрла во ужас, заканувајќи му се дека ќе го каже на мајка му. Кога Бибит се самоубива, МекМарфи во излив на гнев ја напаѓа и почнува да ја дави. Нападот е удар за нејзиниот авторитет, па следува најгорличвиот залак во книгата/филмот: „Големата сестра“ го има последниот збор, принудувајќи го МекМарфи да биде подложен на лоботомија која го води до предвремена смрт.

2. Антон Чигур од „No Country For Old Men“ (Ова не е место за старци)

Платеникот Антон Чигур (според мене најзаебаниот негативец што постои) остава куп трупови зад себе, а сепак успева да се извлече од правдата на законот. Откако го убива Левлин Мос за кражбата на парите од дрогата, ја убива и невината сопруга Карла Џејн – за што решава со фрлање на паричка. Откако ќе ја убие Карла, тој доживува сообраќајна несреќа, во која ја крши раката на две места, крши неколку ребра и ја повредува главата и нозете. Прво изгледа како одмазда на универзумот, но повредите се доволно лесни за да се преврзе со скината кошула и да замине во непознат правец, без закана дека ќе биде фатен.

3. Големиот Брат од „1984“

Истворемено и невидлив и сеприсутен, и сезнаен (сé гледа) – Големиот Брат е симбол на тоталитаризмот. Не е јасно дали е еден човек, или цел систем. Откако Винстон е уапсен за предавство и мачен со месеци од Министерството за љубовта, тој конечно попушта под притисокот.

4. Џорџ Викам од „Гордост и предрасуди“

Убав, шармантен и харизматичен – Џорџ Викам е дволичник кој успева да ги избегне сите последици од аферата, заведувањето на жени и наталожените коцкарски долгови. Причината можеби се крие во неговата надворешност, која – Остин пишува – секогаш работи во негова корист.

Шармантната фасада руши кога Елизабет сфаќа дека била измамена, но харизматичниот негативец не ја добива заслужената казна – тој се жени за 15-годишната Лидија, за да продолжи нејзиното семејство да ги издржува финансиски, а Дарси ги користи своите контакти за да му помогне да си обезбеди реномирана кариера.

5. Патрик Бејтман од „Американски психо“

Што да се каже. Олицетворение на садистички негативец-психопат, Бејтман е уште еден неверојатно суров грешник.

Без грам совест, Бејтман не ги ни крие престапите, но признанието му е прифатено со потсмев и неверување – како кога неговиот пријател погрешно слуша “mergers and acquisitions” наместо “murders and executions“. Никаде ни тронка надеж за одмазда. Тој ниту за миг не чувствува каење, а книгата завршува кога главниот лик излегува од ноќен бар над чија врата стои натпис „Тоа не е излез“.

- Реклама -