Најголемиот малер во холандското првенство

По прв пат по пет години, Ajax ќе биде првак на Холандија. Иако математички сè уште постои шанса PSV да го загрози домашниот успех на овогодинешното изненадување во Лигата на шампионите, во реалноста тоа е 100% неизводливо.

Ajax вчера дома го победи Utrecht со 4:1, а до титулата дојде со помош на AZ Alkmaar кој дома го совлада директниот конкурент PSV со 1-0. Единственото сценарио во кое PSV сè уште може да му ги помати сметките на Ajax е ако Ajax загуби во последното коло кај претпоследната екипа на табелата – De Graafschap, но под услов PSV да ја надомести гол разликата од 15 голови на гости кај Heracles. Видовме многу сензации сезонава, но ваква – тешко.

Најголемиот губитник во ваквиот расплет на настаните веројатно ќе биде стоперот на PSV – Ник Виргевер. По вчерашната победа на Ajax, тој дефинитивно станува првиот играч во историјата на холандската лига кој пет години по ред ја завршува сезоната во второпласираниот клуб во првенството. Да биде поиронично, Виргевер годинава дојде во PSV токму за да ја освои титулата, бидејќи PSV во три од последните четири сезони беше холандски шампион. Згора на тоа, Виргевер играше во Ajax и четири сезони по ред завршуваше на второто место на табелата, за Ajax да ја освои титулата (34-та во својата домашна историја) токму сега, кога го напушти.

„Овде знаат какво е чувството да освоиш титула. Така PSV играше минатите сезони, одеше на победи. За победа не секогаш ви треба убав фудбал“, рече Виргевер по пристигнувањето во PSV, откако му истече договорот и го напушти Ajax.

И малата закачка од PSV не остаре добро, што би се рекло. При претставувањето на Виргевер, на Твитер профилот на клубот тие напишаа: „Ако не можеш да ги победиш, придружи им се“.

Точно, Виргевер не ги победи, ама ги победи некој друг. И нему тоа му е јасно. По вчерашниот пораз од AZ Alkmaar, тој самиот напиша:

„Разликата е 14 голови, тоа нема да го надоместиме во еден натпревар. Многу сум разочаран. Сакавме да бидеме прваци, но не успеавме“.

 

- Реклама -