10 најголеми ѕвезди на Олимписките игри

По дефинитивното прецизирање на комплетните тимови кои ќе бидат дел од престојните Летни олимписки игри, веќе и дефинитивно се издвојуваат најголемите 10 спортски ѕвезди кои ќе ја одбележат Олимпијадата во Лондон.

Леброн Џејмс и Коби Брајант, носителите на играта на американскиот кошаркарски „Дрим тим“ веројатно се најголемите ѕвезди од колективните спортови кои ќе ги видиме во Лондон. Доаѓаат по одбрана на златото од пред четири години, а пораз сигурно би му наштетил на нивниот рејтинг. Посебно што Џејмс веќе има трауматично сеќавање од Атина 2004 кога толку се посрамотија што бронзата која ја освоија немаше никакво значење.

За атлетиката се вели дека е кралица на спортовите па многумина токму во атлетичарите ги гледаат најголемите ѕвезди на ваквите собири. Една од најголемите сигурно е Усеин Болт кој на ЛОИ во Пекинг 2008 го восхити светот со надмоќните победи и светските рекорди на 100 и 200 метри и со штафетата на Јамајка на 4х100 метри. Болт вели дека нема да се смета за атлетска легенда ако во Лондон не го повтори успехот од Пекинг.

Но, од атлетиката се издвојува и една вистински огромна ѕвезда, Оскар Писториус кој конечно добива можност да настапи на Олимпијада. Писториус е атлетичар од кого можеби не се очекува злато, но неговата херојска волја, желба и амбиција по ампутацијата на двете нозе е пример за милиони во светот.

На Јужноафриканскиот спортист, поради вродена мана, му се ампутирани нозете под колената уште кога имал 11 месеци. Но никогаш, од најрана возраст не се предавал. Најпрво настапувал на натпреварите за лица со посебни потреби за потоа да се обиде и во регуларните натпреварувања. Писториус во Лондон ќе дебитира на најголемиот спортски собир откако во квалификациите за Пекинг претходно не успеа.

Од фудбалските имиња се издвојува Бразилецот Нејмар кој ќе се обиде на својата земја да ѝ го донесе првиот триумф на Олимпијадите. Тоа е единствениот трофеј кој им недостига на Бразилците. Затоа сите погледи на „Кариоките“ се свртени кон Нејмар.

Во женска конкуренција Русинката Јелена Исинбаева ќе се обиде да докаже дека по серијата рекорди и медали нејзиното време сè уште не е поминато. Долго време е неприкосновена во скок со стап, но последните години малку ги намали победите на големите натпреварувања. Можност за третото едноподруго злато на ЛОИ сигурно е огромен мотив.

Поради популарноста на „белиот спорт“ тенисерите секогаш биле меѓу медиумски најатрактивните спортисти на Олимпијадите. За оваа Олимпијада, од тенисерите се издвојуваат Србинот Новак Ѓоковиќ, неговиот лут ривал, Швајцарецот Роџер Федерер, како и Американката Серена Вилијамс. Тоа што олимпискиот тениски турнир би можело да го направи интересен е што никој од овие тројца досега не освоил олимписко злато во сингл.

- Реклама -