Најдовме компромисно решение за Северна Македонија и Бугарија – соопшти Макрон, од Владата потврдија дека ќе следи „широк консултативен процес“

Францускиот претседател Емануел Макрон е уверен дека е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија. Ова тој го изјави на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, јави дописничката на МИА од Брисел.

„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите“, изјави Макрон.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

„До сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, потенцираше Макрон.

Во меѓувреме, и од Владата потврдија дека до нив, преку Министерството за надворешни работи, пристигнал предлог за деблокада на евроинтеграциите од француското претседателство. Како што велат од владината прес-служба, предлогот содржи идеи кои се однесуваат на јавно изнесените позиции и ставови на македонската влада.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес, најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“, се наведува во соопштението.

Од Владата уверуваат и дека ќе останат на ветувањето дека  „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.

Од Владата упатија и благодарност до Макрон.

„Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот“, се додава во соопштението.

Извор: МИА

- Реклама -