Преносните батерии популарно наречени „енергетски банки“ се одличен додаток за секој кој планира подолго време да го користи својот смартфон, таблет или медиа плеер, на пример додека сте на патување или имате многу работни обврски.
Преносните батерии и полначи ви овозможуваат пристап до енергија во итни ситуации и пред да се решите да купите еден треба да обрнете внимание на капацитетот, времето потребно за полнење, како и техничките спецификации за пренос на енергија и волтажа. Затоа ги одбравме најдобрите полначи во Македонија кои сметаме дека имаат најпристапна цена и се најисплатливи за корисниците.
Доколку ги разгледате понуди на македонските продавници за електроника ќе забележите дека цените премногу не се разликуваат. Во оваа класа добар избор може да биде и Ebai PP-03 полначот кој е наменет за iPhone, уреди со V8 поврзување, како и сите стандардни телефони и медиа плеери. Ebai PP-03 чини 720 денари, а за таа цена добивате капацитет од 2400mAH.
Според нашето истражување во средната ниска класа најисплатлив е полначот X5 TECH XBP-30 Power bank кој има капацитет од 2600mAH, има 5.0V-1A влез, 5.0-1A излез на моќност, а може да се поврзе со смарт уредите преку USB и Micro USB. Цената на X5 TECH XBP-30 изнесува изнендадувачки 590 денари.
Во средната класа има повеќе конкуренти кои се издвојуваат со ниска цена и висок капацитет. Тука одличен избор е Apacer B123 Mobile Power Bank кој чини 1690 денари, но има речиси тројно поголем капацитет од 7800mAh, два USB влезови, цврсто куќиште и може еден смартфон да го наполни 3.5 пати.
Во високата класа каде се наоѓаат најиздржливите има неколку квалитетни преносни полначи како Apacer B124 Mobile Power Bank кој чини 1990 денари, со мега капацитет од 11000 mAh, тежи само 182 грама, лесен е за носење, има вграден LED дисплеј за прикажување на статусот на батеријата кој може да се искористи и како батериска лампа. Исто како и моделот Apacer B123 поседува различни степени на заштита од прегревање и струјни шокови.
Доколку сакате преносен полнач кој ќе може секогаш да го користите ви го препорачуваме Universal Solar Charger кој се полни на соларна енергија и има максимален капацитет од 10.000 mAh, компатибилен е со сите електронски смарт и медиа уреди со моќност и пренос на струја од 1x 1A + 1x 2A. Единствена пречка за соларниот полнач е високата цена од 3100 денари, но затоа пак ќе заштедите на сметките за струја.
Над сите преносни полначи како вистински шампион се издвојува Mi Power Bank со голем капацитет од 10400 mAh, но со пониска цена од сите конкуренти од 1750 денари. Mi Power Bank има алуминиумско куќиште, може 4.5 пати да го наполни iPhone 5s, има вградена струјна заштита, механизам за висока температура, како и 5000 циклуси на полнење преку microUSB.