Археолозите во Кина најдоа трагови од пиво кои датираат уште од пред околу 5.000 години, направено со ферментација на плодови од разни билки, меѓу кои и јачмен.
Вчера Американската академија на науки соопшти дека археолозите успеале да идентификуваат јачмен во траговите од пиво најдени во Миџај, на североистокот на Кина, и истакна дека тоа е најстариот фосил на јачмен – билка која потекнува од Европа.
„Откритието укажува дека јачменот веќе долго време се користел за производство на пиво, пред да стане посев“, изјавија археолозите Џиџинг Ванг и Ли Лиу од универзитетот Стенфорд во Калифорнија.
Археолозите нашле и остатоци од садови кои служеле за правење на пиво. Покрај јачменот, во ферментацијата се користени и шеќер и скроб, што укажува дека Кинезите го усовршиле правењето на пиво.
Според нив, слични рецепти користеле и старите Египќани, Персијците и Ермените.