Најчевска за Петров: И јас немав искуство во балетот, па никогаш повторно не ме викнаа

Откако синоќа позициите потпретседатели на СДСМ ги напуштија Петре Шилегов и Фросина Ременски, новоизбраниот потпретседател покрај Мила Царовска – Коста Петров, автор и ПР експерт, на Фејсбук објави дека тешка била одлуката да се вклучи во политиката, но прифатил да биде дел од СДСМ со намера да помогне онаму каде смета дека може да придонесе  со неговото знаење и капацитет. Притоа, немањето на досегашно искуство во политиката Петров го посочи токму како свој адут, односно како нешто што ќе му овозможи без никакви политички калкулации да работи кон точно определената цел.

„Живееме во оваа држава, ја сакаме и мораме некако да ја направиме подобро место за живеење. Наместо да коментирам и да не преземам ништо, се одлучив на активен пристап за да помогнам и за придонесам за подобра иднина… Верувам дека со мојот ангажман ќе придонесам младите да останат во државава, дека со мојот пример за млад претприемач и моите контакти и искуство ќе помогнам на многу млади луѓе. Верувам дека мојот глас ќе биде гласот на тие млади луѓе кои ќе останат во државата и ќе направат промени, бидејќи нашата генерација допрва доаѓа…“, напиша Петров.

Меѓутоа, за професорката Мирјана Најчевска, немањето (политичко) искуство не може да биде адут (во политиката). Таквата порака таа ја испрати вчера преку Фејсбук, шегувајќи се на сметка на својата балетска кариера:

„Немањето искуство во балетот беше и мојот најголем адут во мојот прв настап во улогата на белиот лебед. Не знам зошто уште не сум поканета да ја продолжам мојата кариера како балерина. Можеби затоа што сега имам преголемо искуство?“, иронична е Најчевска.

 

- Реклама -