Најбогатиот Кинез им донира два милиони маски на европските земји

Кинескиот милијардер и коосновач на Алибаба, Џек Ма, одлучи да донира два милиони заштитни маски што ќе бидат дистрибуирани низ европските земји, а првата пратка доцна синоќа стигна во Белгија.

Товарниот авион со 500.000 заштитни маски и други медицински материјали, како што се прибори за тестирање коронавирус, слета на аеродромот Лиеж.

Во заедничката изјава на Фондацијата Алибаба и Џек Ма се наведува дека пратката ќе се дистрибуира понатаму кон Италија, објави аеродромот Лиеж.

Во наредните неколку дена, на истиот аеродром ќе слета уште опрема, а Лиеж ќе стане главниот европски центар за интернет-трговија.

Ма исто така рече дека планира и на САД да им донира 500.000 комплети за тестирање коронавирус и милион маски.

Во исто време, тој повика на меѓународна соработка во борбата против сегашната огромна здравствена криза.

Ма Јун, попознат како Џек Ма, што е англиска верзија на неговото име, ја основа компанијата како 35-годишен учител по англиски јазик во својот стан во Хангжу во 1999 година и брзо стана мултимилионер.

Познатото седиште на Алибаба, најголемата светска компанија за е-трговија повредна и од Амазон и од Ибеј, се наоѓа во кинескиот град Хангжу, родното место на неговиот основач Ма Јун.

Денес, Џек Ма е најбогатиот човек во Кина и 33-тиот најбогат во светот.

Инспирација за името на компанијата добил од приказната за Алибаба и 40 разбојници.

- Реклама -