Одбивањето на францускиот Претседател, Емануел Макрон да даде „зелено светло“ за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија, ги разлути европските лидери. Според порталот „Политико“, европските лидери најавиле дека недобивањето датум ќе го разниша кредибилитетот на ЕУ и дека тоа би било во корист на ривалите на Балканот, како Русија, Турција. „Дојче Веле“ пишува дека ниту обидите на германската канцеларка, Ангел Меркел не помогнале да го премислат Макрон. Кредибилноста на ЕУ и последиците врз балканските земји, односно разочарувањето и волјата за продолжување со реформи, се чини дека немаат важност за францускиот претседател, наспроти аргументите на внатрешната политика.
„Верувам дека ако ги отворивме преговорите со Северна Македонија, оставајќи ја настрана Албанија, тоа би било страшно за регионот. Верувам дека ќе беше политички и социјален пораз, не само во Албанија, туку и во сите земји во кои живее албанско население, како што е Косово и пошироко“, изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.
По негативната одлука на Европскиот совет, реагираа и САД. Во реакцијата на Стејт Департмент пишува дека се длабоко разочарани од ваквата одлука.
„Ние сме разочарани што Европскиот совет не ги препозна реформските подвизи на двете земји и не одобри почеток на пристапни преговори. Позитивна одлука ќе значеше потврдување на кредибилитетот на европскиот пат и силно ќе ги одбиеше злите актери кој сакаат да ги подријат западните вредности и евроатлантската заедница“, велат од Стејт Департментот.
САД истакнуваат дека остануваат стратешки партнер на Северна Македонија и Албанија за да продолжат да го зајакнуваат владеењето на правото, натамошните напори против корупцијата и развој на нивните економии. Но, на прашањето дали негативната одлука значи крај на проширување на Унијата, претседателот на Европската комисија, Жан Клод-Јункер со одговор:
„Доколку ова е почеток на крајот на процесот на проширување на ЕУ треба да се соочиме со сериозни критики. Ние ги охрабрувавме овие земји, им помагавме и ги посетувавме овие земји и дававме јавни ветувања на овие земји. Ако сакаме да бидеме почитувани ние мора да ги одржуваме нашите ветувања“, изјави Жан Клод Јункер – претседател на Европската комисија.
Дебатата околу проширувањето и давањето датум за старт на преговорите со ЕУ, им одзема најмногу време на шефовите во Европскиот совет, додека негативната одлука беше донесена на вториот и последен ден од самитот на лидерите на ЕУ.