Најава за европско знаменце за Законот за државјанства, Апасиев вели нема шанси да помине

Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе почекаат до следната недела Левица да покаже разбирање и да престане со блокадата на предлог-законот за државјанства и да продолжи разгледувањето на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, а доколку тоа не се случи, ќе одат на план „Б“ – ќе го поднесат со европско знаменце на усвојување по кратка постапка.

Според пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, невозможно е законот да помине со европско знаменце, пред сѐ бидејќи претседателот на Собранието – Талат Џафери, ќе мора да го отфрли.

„Законот не може да оди со европско знаменце, оти не постои ЕУ регулатива со која би се усогласил и оти е спротивен на Европската конвениција за државјанства. Ако пробаат така, спикерот Џафери ќе мора да им го отфрли. Во спротивно прави кривично дело и ќе одговара“, порача Апасиев.

Според пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, Апасиев и Крмов погрешно ја разбрале процедурата за предлог, па оттаму очекува да се повлечат и, како што вели, „да се ангажираат за она што го велат – дека се за заштита на правата на граѓаните и за реализација на основните права“.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Ние ќе инсистираме да дадеме уште една шанса. Но ако гледаме дека навистина има блокади, сигурно ќе одиме на втората варијанта преку европско знаменце. Зошто? Затоа што прво – имаме согласност од страна на Владата, и второ – навистина се работи за човекови права. И трето – сигурно според сите европски и меѓународни конвенции нема логика да има луѓе без државјанство во ниту една држава, а ние имаме луѓе што се без државјанство“, изјави тој.

Според него, сите нивни аргументи, како предлагачи на измените на законот, речиси збор до збор  ги потврдил и јавниот правобранител (Насер Зибери) во последниот извештај.

Разгледувањето на предлог-законот во Комисијата за одбрана и безбедност беше прекинато поради најавата на Апасиев дека е подготвен да руши и лични рекорди во говорење и молчење, сѐ со цел да ја спречи, како што рече, „неправдата“.

- Реклама -