Надал и Ѓоковиќ на маки: „Зошто молчите за Саудиска Арабија?“

Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал се под жесток притисок на западната јавност, и тоа единствено поради тоа што ги чека егзибиционен меч во Саудиска Арабија.

Саудискиот новинар и дисидент Џамал Кашоги, кој живееше и работеше во САД, пред неколку дена беше брутално убиен во саудиската амбасада во Истанбул. Поради тоа Саудиска Арабија е земја на жестоки критики, а молкот на Надал и Ѓоковиќ околу случајот направи дел од критиката да се излее и врз нив.

И додека двете тениски суперѕвезди – познати и како големи хуманитарци, филантропи и борци за човекови права, ги чека ревијалниот дуел во Џеда на 22 декември, влијателни медиуми – како американскиот New York Times и британскиот The Guardian, чекаат од нив гласно да ја осудат Саудиска Арабија и убиството на Кашоги.

Според овие медиуми, Надал и Ѓоковиќ можат да тргнат во два можни правци:

а) Ако одбијат да играат во Саудиска Арабија, тоа би можело да ја загрози нивната безбедност, но би укажале на репресивната природа на државниот режим во СА и би ја подигнале свеста (не е јасно чија свест) околу (не)почитувањето на човечките права

б) Ако не се откажат од настапот во Џеда, светот тоа ќе го сфател, велат медиумите, како поддршка за авторитативниот режим во земјата, и уште полошо, како давање легитимитет на злосторството…

„Не е на нас да одлучуваме кои земји би требало да организираат спортски настани, а кои не. Но исто така, јасно е дека со организација на такви настани се прави обид за маскирање на реалната ситуација. На Надал и Ѓоковиќ е да одлучат каде ќе ги играат своите егзибициони мечеви, но ако веќе одат во Џеда, ние би сакале да ја искористат својата популарноста за да привлечат внимание врз загрозувањето на човековите права. Барем еден твит за храбрите борци за човековите во таа земја би бил доволен, за почеток“, вели Алан Хогарт од Amnesty International.

Веројатно и Надал и Ѓоковиќ би сакале да видат понекој елегантен тениски потег од новинарите и политичарите што ги прозиваат, ама ете, нив никој не ги прашува. Во меѓувреме, за настапот на мечот во Џеда, организиран од локалната власт, ги чекаат по милион долари.

 

- Реклама -