Над 40 држави се согласија непречено да се доставува оружје во Украина, светот е обединет во поддршката – вели Остин

На денешната средба во американската воена база Рамштајн, во близина на Франкфурт, претставници од повеќе од 40 држави се согласија непречено да се доставува оружје во Украина.

Домаќинот на состанокот во Рамштајн, американскиот министер за одбрана – Лојд Остин, истакна дека „Украина верува дека може да победи“.

„Како што гледаме, нациите ширум светот се обединети и решени да ја поддржат Украина во нејзината борба против руската империјална агресија“, истакна Остин на почетокот на состанокот.

Генералот на американската армија – Марк Мили, изјави дека клучната цел на состанокот е да се координира зголемената безбедносна помош за Киев, која вклучува тешко вооружување – како што се хаубици, со цел да се спречат руските напади врз Источна Украина.

„Времето не е на страната на Украина. Исходот на борбата зависи од луѓето на овој состанок. Украинците ќе се борат, а ние мораме да им обезбедиме средства за тоа“, посочи генерал Мили.

Според експертите, руската армија сè уште има технолошка и нумеричка предност во однос на украинските сили и може да си дозволи да води долга војна во Украина и покрај санкциите од Западот. Додека пак Украина може да се пофали со висок морал, креативни и приспособливи тактики на бојното поле и познавање на теренот, како и оружје и разузнавачки информации добиени од САД и нивните сојузници.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Претходно, во изјава по посетата на Киев, Остин истакна дека САД сакаат да ја видат Русија ослабена до тој степен што „нема да може да прави работи како што правеше за време на инвазијата на Украина“ и дека се надева дека руските загуби во Украина ќе ги одвратат властите во Москва од повторување на слични акции на друго место.

Во изјавата, пренесена од BBC, Остин оцени и дека Украина сѐ уште може да ја добие војната доколку ја добие вистинската поддршка. Тој најави и дека САД ќе овозможат дополнителна воена помош за Украина и на другите европски земји, во вредност од 713 милиони долари.

Остин – кој е пензиониран генерал со четири ѕвезди, заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, неодамна имаа средба и разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Тоа беше посета на највисоко ниво на американски функционери од почетокот на руската инвазија на Украина пред два месеца. Средбата меѓу американската и украинската страна, што траела повеќе од три часа, се случи во период кога Русија ја интензивира својата воена кампања на југот и на истокот на Украина.

Извор: МИА

- Реклама -