Над 100 јавни настани и 61.5 милиони денари за над 130 компании и над 500 домашни изведувачи за 30-годишнината од независноста на државата

Договори со 33 компании со проекти за финансиска поддршка на индустријата и операторите за организација на настани, со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Северна Македонија, потпишаа денеска вицепемремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и генералниот секретар на Владата – Мухамед Зекири, во име на Владата.

Битиќи изрази задоволство од потпишувањето на договорите и потенцираше дека со оваа одлука, со која се одобруваат 61.5 милиони денари (околу 1 милион евра) од Буџетот за реализација на проекти на 33 компании од оваа дејност, успешно се заокружува постапката на Владата со која се помогнати не само економските оператори за организација на настани, туку и голем број на домашните изведувачи и подизведувачи кои беа директно погодени од пандемијата во последните година и пол.

Тој додаде дека јавниот повик е мерка од петтиот сет и не е единствената поддршка која Владата ја обезбедува за индустријата за организација на настани.

„На вчерашната Владина седница усвоивме и одлука за мерка од шестиот пакет, која се однесува на директна финансиска поддршка на компаниите од индустријата, за директна финансиска помош во износ од 15.443.661 денари кои ќе бидат исплатени на трансакциските сметки на компаниите кои ги исполнија критериумите“, истакна Битиќи.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Зеќири се надоврза изразувајќи задоволство од бројот на апликациите и од квалитетот на понудената содржина во проектите.

„Навистина ми претставува задоволство да соопштам дека согласно одлуките, со овој повик ќе се поддржат 33 проекти и 33 компании носители на проектите, најмалку петстотини изведувачи на јавните настани, најмалку 130 компании подизведувачи. Јас можам во оваа прилика да кажам дека одзивот не само што беше голем, туку и содржински целосно ги исполни нашите очекувања и планови“, рече тој.

Зекири оцени дека насоките биле инспирација за многу од компаниите, а тоа се гледа од шареноликоста на понудените содржини кои, како што рече, „на граѓаните ќе им овозможат лето за паметење со свечени настани, фестивали, концерти, проекции, изведби, работилници, изложби, претстави, конференции, сесии, спортски и друг тип настани од јавен карактер, како дел од програмата со која најдостојно ќе се одбележи големиот јубилеј – 30 години независност на Северна Македонија“.

- Реклама -