Според една најнова теорија, наборите кои се појавуваат на влажни прсти би можеле да бидат адаптација за добивање подобар зафат во лизгави ситуации. Хипотезата на Марк Чангизи, еволуционен невробиолог од 2AI Labs во Бојзи, Ајдахо, се спротиставува на општоприфатеното мислење дека појавата е едноставна реакција на впивањето вода од кожата.
Чангизи мисли дека наборите имаат иста функција како и шарите на автомибилските гуми. Тие создаваат канали низ кои водата може да се одлее кога ги стискаме прстите врз влажни површини. Ова им овозможува на прстите да остварат поголем контакт со влажни површини со што ние добиваме подобар зафат. Научниците знаат уште од средината на триесетите години дека наборите не се формираат ако нервите во прстот се прекинати, што налага дека тие се под контрола на нервниот систем.
„Налетав на овие речиси сто години стари документи и тие веднаш ме наведоа кон заклучок дека наборите имаат функција“ вели Чангизи. „Дискутирав за мистеријата со еден од моите студенти Роман Вебер, кој рече: ,Може да се како шари на гуми?’, на што јас му одговорив дека тоа е брилијантна идеја.“ Во студија Чангизи и неговиот тим студирале фотографии на 28 прсти со набори. Тимот забележал дека сите тие имаат исти форми – долги, неповрзани канали кои се разгрануваат од врвот на прстот.
Кога притискаме со прст, нанесуваме притисок од врвот кон назад. Страните на прстот се како гребени од кои водата слободно може да истече, но рамниот дел е место каде што водата може да се собира. Наборите се формираат на рамниот дел бидејќи „тоа е местото каде што мора да се врши сета работа за одлевање на водата“ објаснува Чангизи.
Но не секој ја прифаќа новата теорија. „Оваа хипотеза е неоснована“ вели Кси Чен, биомеханички инженер од Универзитетот Колумбија во Њујорк. Чен мисли дека има поедноставна причина за наборите: кога прстите се потопуваат во жешка вода, крвните садови се затвараат и ткивото се смалува во однос на околната кожа. Оваа контракција предизвикува виткање кај кожата. „Тоа е класичен механички проблем“ вели тој.
Но неврохирургот Чинг-Хуа Хсие од Chang Gung Memorial Hospital во Каохсиунг, Тајван, вели дека процесот кој Чен го опишува не одговара зошто се создаваат набори и во студена вода, или дека не се создаваат ако е прекинат дотокот на крв. Тој мисли дека луѓето треба да бараат повеќе објаснувања за оваа појава. „Ми се допаѓа новата хипотеза“ вели тој.
И Хсие и Чангизи посочуваат дека наборите се формираат само на прстите и на нозете, и дека се најизразени на крајот на прстите, првите делови кои доаѓаат во контакт со површините. Чангизи сега сака да види дали кај цицачите кои живеат во влажни средини се појавуваат набори на прстите. Врвниот тест за оваа хипотеза би било да се провери дали луѓето со набори на пстите имаат подобар зафат при влажни услови. „Започнавме со првични експерименти“ вели Чангизи. „Резултатите засега потврдуваат дека наборите помагаат.“ [Pruney fingers grip better]