Во последните неколку години регионот на Западниот Балкан бележи напредок и има позитивна економска перспектива, но сепак, со моменталната стапка на раст, ќе му требаат осум децении за да ја достигне Германија, соопшти генералната секретарка на Советот за регионална соработка (RCC) – Маjлинда Брегу.
Причините за загриженост и понатаму се сиромаштијата, нееднаквоста, одливот на високообразованата работна сила, родовата нееднаквост, учеството на младите и вработувањето.
„Лидерите на Западен Балкан треба поангажирано да работат на зголемување на регионалната соработка. Одговорност на економиите од Западен Балкан е да бидат активни учесници во планирањето на заедничката иднина на Европа во регионот“, вели Брегу.
На состанокот во Брисел претставена беше студијата на FES за „Одржлив економски раст и развој на Западниот Балкан“.
Студијата покажува дека растот одново е реалност во Југоисточна Европа, но дека тој самиот по себе не е решение за економските и општествените предизвици, па така, за Западниот Балкан се препорачува одржлив, квалитативен и инклузивен раст, додека на иницијативите за регионален економски простор се гледа како на чекор во вистинска насока.
Посебно внимание е посветено на можноста од надминување на разликите во развојот меѓу југоисточна Европа – од една, и централна и источна Европа и просечниот раст на Европската унија – од друга страна. Потребно е поинакво користење на директните странски инвестиции, развој на националните и регионалните политики, како и ревизија на инструментите на монетарната и фискалната политика, се вели во студијата.