На три пункта во Скопје може да се потпишат новите договори за парно греење

ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје денеска соопшти дека новите договори за парно греење може да се потпишат на три пункта во Скопје со работно време од понеделник до петок од 08 до 18 часот и сабота од 9 до 13:30 часот: пункт Центар, на ул.„Кочо Рацин“ бр.33 кај Олимписки базен, пункт Исток, на ул. „Јане Сандански“ бр.49 во населба Аеродром и пункт Запад на улица „Лондонска“ бр.8 во населба Тафталиџе.

Новиот носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, кој има обврска да ги снабдува потрошувачите со топлинска енергија во согласност со лиценцата, Законот за енергетика и актите кои ги носи РКЕ, воедно порачува дека испораката на топлина нема да биде прекината.

Заради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е да се склучи договор за снабдување со топлинска енергија.

„За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен на потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата. Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика. За склучување на договорот потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач“, информираат од ЕСМ.

Оттаму исткнуваат дека корисниците можат веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. Напоменуваат дека ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и доколку од различни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена.

Корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани од снабдувачот ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период, или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите.

„ЕСМ Снабдување ќе воспостави директни контакти, додека за корисниците кои не можат да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи Договорот да го склучат во нивниот дом. Поради повеќе прашања пристигнати до Службата за грижа на корисници ги информираат корисниците дека не е правно возможно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, односно е единствено можно да се склучат нови договори“, информира ЕСМ и најавува дека новиот снабдувач во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за он лајн наплата.

МИА

- Реклама -