На најсеверните предели од Канадскиот Арктик, на 800 километри од најблиската човечка населба, научниците најдоа напишана порака во шише.
Започнува со „До секој што е засегнат“, ама остатокот е доволно воодушевувачки за да го засегне секој читател.
Пораката е напишана од Пол Вокер, денес добро-познат американски геолог кај колегите од неговата област. На оваа локација, како што велат наоѓачите, тој изградил две купчиња од камења (могили), како дел од експеримент чија цел е да се востанови дали Арктикот се шири или се собира. Во пораката, Вокер ги замолува научниците од иднината да го измерат растојанието помеѓу двете купчиња, со што би го завршиле експериментот и би дошле до сознанијата по кои самиот Вокер трагал. Датата означена на пораката е 10-ти јули, 1959-та година.
Наоѓачите, кои и самите се геолози на Универзитетот Лавал во Квебек, го исполниле барањето во писмото и измериле дека денешното растојание помеѓу двете купчиња камења е 101.5 метри. Во времето на Вокер, кога ја напишал пораката, растојанието изнесувало само 1.2 метри. Резултатите се совпаѓаат со истражувањето на Ворвик Винсент, еден од наоѓачите, кој исто така работи на следење на топењето на мразот.
Вокер починал истата година кога го поставил 54 години долгиот експеримент. Додека престојувал на Арктикот, тој преживеал срцев удар, па оттаму и ја напишал пораката во шише, плашејќи се дека нема успее да се извлече жив и да го заврши експериментот. Бил најден и спасен од пилот на хеликоптер, кој го вратил во цивилизација, каде Вокер ја добил сета возможна медицинска нега. За жал, последиците биле сериозни, па починал истиот тој ноември, во домот на своите родители. Имал само 25 години.