На самитот во Казан, земјите од БРИКС повикаа на прекин на војните во Украина и на Блискиот Исток

На денешниот самит на групата држави БРИКС во Казан, Русија, беа упатени повици за прекин на војните и отворање преговори во Украина и на Блискиот Исток, а рускиот претседател Владимир Путин ги поздрави понудите за посредување од страна на своите партнери, оценувајќи ги како поволни.

Во врска со Украина, каде ставовите на Москва и Киев се непомирливи, мировни преговори се сè уште хипотетички по 32 месеци од почетокот на руската инвазија.

На Блискиот Исток, војната што започна со крвавиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година се прошири и во Либан, каде израелската војска ја засилува офанзивата против проиранската шиитска група Хезболах.

Во заедничкото соопштение, БРИКС го повика Израел веднаш да ги прекине нападите врз силите на ОН во Либан (УНИФИЛ) и да го зачува територијалниот интегритет на таа земја. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во Казан ги повика своите партнери да ги искористат сите свои колективни и индивидуални способности за да го прекинат конфликтот во Газа и Либан.

Хамас соопшти дека еден од неговите лидери, Муса Абу Марзук, отпатувал во Москва на разговори за ставање крај на израелската агресија и војната во Газа и регионот.

Претседателот на Бразил, Луис Ињасио Лула да Силва, предупреди преку видео-врска дека војните во Украина и на Блискиот Исток „имаат потенцијал да станат глобални“.

Кинескиот претседател Си Џинпинг истакна дека не смее да дојде до „ширење на конфликтите“ и „ескалација на борбите“ во Украина.

Прочитајте и:  Кинескиот претседател ги повика БРИКС членките на придржување до три принципи за деескалација на кризата во Украина

Индискиот премиер Нарендра Моди ја изрази својата поддршка за сите напори за брзо враќање на мирот и стабилноста.

Во Декларацијата се наведува дека земјите од БРИКС ја нагласуваат важноста од проширување на соработката заснована на заеднички интереси и натамошно градење на стратешко партнерство.

Дополнително, Декларацијата ја поздрави употребата на националните валути во финансиските трансакции, а членките се заложија за спречување на трката во вооружување во вселената.

Во документот се изразува загриженост за негативното влијание на санкциите врз глобалната економија.

Земјите-членки на БРИКС повикаа на поголемо учество на најмалку развиените земји, особено од Африка, во глобалните процеси и го поздравија значителниот интерес на земјите од глобалниот југ за БРИКС.

Во текстот се изразува загриженост поради ескалацијата на насилството и влошувањето на хуманитарната криза во Судан, а лидерите повикаа на прекин на огнот.

Членките на БРИКС го истакнаа своето противење на едностраните мерки воведени под изговор за борба против климатските промени.

Самитот на БРИКС во Казан, на кој учествуваат претставници на 36 земји и шест меѓународни организации, почна вчера и продолжува до утре. Самитот е завршен настан во рамките на претседателството на Руската Федерација со БРИКС, што се одржува под мотото за зајакнување на мултилатерализмот за праведен глобален развој и безбедност. ссм/

- Реклама -