Организаторите на овогодинешниот меѓународен салон за автомобили во Женева соопштија дека еден час пред затворањето на халите на Palexpo во неделата, бројот на посетителите достигнал 682.000 лица.
„Уште еднаш, меѓународниот салон во Женева се покажа како подобар во однос на досегашните изданија, собирајќи ги на едно место најголемите автомобилски производители. Уште еднаш манифестацијата потврди и дека е мегдан за докажување на малите производители, дизајнери, добавувачи и специјализирани компании“, коментираат организаторите на 85-то издание на салонот.
Бројот на посетителите оваа година е за 1.8% повеќе во споредба со минатата, а следното издание на салонот во Женева веќе има и официјални дати, од 3 до 13 март 2016.