Обвинителството на Јужна Кореја бара затворска казна од 30 години за поранешната претседателка Парк Геун-хе, која е обвинета за корупција, злоупотреба на власта, како и други кривични дела.
Окружниот суд во Сеул денес ќе го одреди точниот датум на изрекување на пресудата.
Парк, ако ја прогласат за виновна, ќе биде третиот претседател на Јужна Кореја кој е осуден за криминал. Претходните двајца беа воени генерали, од кои еден учествуваше во пучот од 1979 година, а другиот во масакрот на цивили во 1980 година.
Обвинителството ја тужи Парк за злоупотреба на власта, корупција и изнуда, затоа што ги приморувала големите компании да донираат десетици милиони долари за две непрофитни организации контролирани од нејзината пријателка и блиска соработничка – Чои Сун Сил.
Корупцискиот скандал изби во октомври 2016 година, и предизвика масовни улични протести кои доведоа до нејзина оставка и апсење во март минатата година.