Луѓето не би ни забележале, ниту пак би имале нешто против ако исчезнат 74% од брендовите. Тоа е заклучокот од најновото истражување на Havas Media Group, насловено како „Значајни брендови“.
Глобалниот директор на Havas Media Group – Доминик Делпорт, за CNBC изјави дека тоа е последица на претераната комуникација, т.е. на константното бомбардирање на потрошувачите со рекламни пораки.
„Претераната комуникација ја убива комуникацијата, така што морате да бидете од корист на луѓето“.
Во свет во кој дневно се праќаат 500 милиони твитови, се пишуваат 4.3 милијарди постови на Фејсбук и се објавуваат 500 милиони часови видео содржина на YouTube, успех можат да постигнат само брендовите кои на потрошувачите им испорачуваат корисност, смета Делпорт.
Истражувањето е спроведено на 300.000 испитаници во 33 држави, а опфаќа 1.500 брендови од 15 различни индустрии. Резултатот покажува дека ирелевантноста на 74% од брендовите е производ на фактот што тие брендови не придонесуваат за квалитетот на животот на потрошувачот.
Имено, 75% од учесниците во анкетата очекуваат од брендовите повеќе да допринесат за квалитетот на нивниот живот, а само 40% од нив веруваат дека брендовите тоа и го прават. Сепак, 60% сметаат дека содржините кои брендовите ги донесуваат се лоши, ирелевантни, или дека воопшто ги нема. Дека содржината што ја нуди брендот треба да забавува, да пружи решение или да овозможи искуство – сметаат 84% од испитаниците.
Во извештајот е вклучена и ранг листа со најзначајни брендови, а во топ 10 се Google, PayPal, WhatsAp, YouTube, Samsung, Mercedes Benz, Nivea, Microsoft, Ikea и Lego.
„Ако ги погледнете сите тие технолошки брендови, тие се на врвот на ранг листата. Зошто? Зашто го прават животот полесен, во основа, и потполно се бесплатни. Сите тие апликации се главно бесплатни за превземање, а нудат сјајни услуги“, додава Делпорт.
Според неговата дефиниција, корисниот бренд е функционален, обезбедува вредност за парите, го прави животот на поединецот полесен, а згора на сето тоа има и позитивно влијание врз заедницата.
Во меѓувреме, една друга студија на консултантската куќа Brand Finance, исто така објавена неделава, тврди дека Google е највредниот бренд на светот, чија вредност во 2016 година порасна од 88.2 милијарди на 109.4 милијарди долари. Со тоа Google го помина Apple, чија вредност сега изнесува 107.1 милијарди долари, што е за 27% помалку отколку претходната година, пренесува CNBC.